Мијалков не се појави во парламентот, пратениците во меѓусебна пресметка

by Фокус

Членовите на анкетната комисија за скандалот за прислушувањето влегоа во меѓусебна пресметка откако поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков не се појави да сведочи пред комисијата, ниту даде образложение дали и кога планира да се појави по примерот на неговите сопартијци, Никола Груевски, Зоран Ставрески и Мартин Протоѓер.

Претседателот на комисијата, Петре Шилегов, истакна дека Мијалков морал да се појави за да каже „каде пукало ВМРО- ДМПНЕ пред избори“, кои се „сваровски судијките“, и за слични цитати кои се слушаа во „бомбите“ што ги објавуваше Зоран Заев.

– Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да овозможи пред оваа Комисија да се појават повиканите сведоци или тоа сака да го направи по некое си свое сценарио. Денеска таквото сценарио беше зачинето со моја лична дискредитација. Комисијата не успеа да изгласа дневен ред се со цел да не може официјално да биде повикан Мијалков да даде изјава – рече Шилегов.

Претходно, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ го обвини првиот човек на комисијата дека не е соодветен да го води ова тело, бидејќи немал политичко искуство, и побара друг сдмсовски пратеник да го замени.

– Закажува седници кога знае дека нема присутен некој да даде изјава, не доставува записници, не доставува материјали… Овие седници за жал се претворија во губење на време, наместо во ефикасна работа, каде што Анкетната Комисија ќе утврди факти, а фактите кои ни се важни се кој прислушкувал, кој злоупотребил и кој ги повредил демократските права, приватноста и техниките за следење на луѓе во оваа држав – посочи Милошоски.

Независната пратеничка Роза Топузова – Каревска, пак, предложи да се издвои една седница, на којашто сите членови уште еднаш темелно ќе се разгледуваат Деловникот, бидејќи, според неа, власта и опозицијата различно го толкуваат.

Поврзани новости