Синдикатот на вработените во културата најавува протести затоа што смета дека нивната професија се претворила во бирократска. Од таму велат дека целта на протестот е целосно повлекување на измените на Законот за култура кои беа лани донесени, зад грбот на сите вработени во оваа сфера.
„Со измените практично е погазено нашето достоинство како творци, двигатели и негувачи на креативниот дух во културата, а воедно е суспендирано и правото на колективно преговарање. Не се согласуваме нашиот труд и квалитет да биде оценуван од странци во комисии за избор и реизбор, не се согласуваме да бидеме вреднувани според „учинок“, не се согласуваме нашите плати да бидат однапред законски дефинирани со што се оневозможува елементарното право тие да бидат предмет на колективно договарање“, велат од синдикатот.
Нема да дозволиме вработените во културата да бидат заложници на политичките елити, креаторите на законите и нивните бирократски механизми. Нема да дозволиме правото на синдикално организирање да биде суспендирано и заменето со ригидни закони кои не се преговараат, туку се извршуваат. Ги повикуваме сите уметници, сите вработени во културата и сите поддржувачи на културата да ни се придружат заеднички да го изразиме својот револт и да го одбраниме правото на креативност и творештво“ – соопштија од синдикатот .