Синдикатот на операта: Министерке, немаме гардероби и тоалети

by Фокус 11:59
11:59

По најавата на министерката Канческа Милевска за реновирање нa МОБ, но само во делот каде се сместува публиката, Синдикатот на Македонска опера апелира министерката за култура поактивно да се заземе за создавање на основни услови за работа на уметниците во институцијата. Тие немаат против да се обнови делот за публиката, но предупредуваат дека тие како уметници работат во нечовечки услови.

„Под услови подразбираме: уредни гардероби и тоалети кои последниве години наликуваат на се освен на тоа за што се наменети, обезбедување потрошен материјал за инструменти кој го немаме земено повеќе од година и половина, костуми и фустани за јавни настапи (работни униформи), столови за оркестар и хор за јавни настапи и пултoви за ноти кои ќе обезбедат минумум светлина потребна за професионално извршување на нашите работни обврски.

- Advertisements -

За сите овие нешта апелираме многу години наназад. Сведоци сме дека Канческа-Милевска лично ја има посетено нашата институција неколу пати во изминативе години и сакаме да веруваме дека нејзините посети произлегуваат од интересот лично да се увери и види во какви услови работиме ние уметниците од Македонска Опера и Балет. Се надеваме дека како министерка за култура, таа навистина се грижи за унапредување на културата во Македонија и подобрување на она што Македонија го нуди на културен план, во с’ржта на институциите, а не се задоволува само со привидното задоволително функционирање.

Удобноста на гледачите и слушателите нема да ја зголеми продуктивноста на музичарите кои седат на неудобни столови и го губат видот читајќи ги нотите на полуосветлен пулт. Уметноста се создава од задоволство и испирација, желба да се твори, а не под јаремот на нужноста, заради само докажување на раководството дека успева од ништо да направи нешто, во никакви услови, врз грбот на оние кои чесно си го заработуваат лебот.

Климата во институцијата не е на завидно ниво и уметниците се на работ од трпението, бесцелно прашувајќи се дали зголемениот обем на работа кој паѓа врз грбот на уметникот ќе придонесе за решавање на проблемите на уметниците или со нивниот двојно зголемен труд ќе треба само да се затворат финансиски дупки направени од раководството?

Маката на работниците кого ли ќе го направи среќен сега? Работникот сигурно не!!!“, реагира Синдикатот на Операта.

Поврзани новости