Синдикатот до министерката за култура:„Покачувањето на платите е 2, а не 12 отсто“

by Fokus

Синдикатот за култура соопшти дека вработените во институциите од културата со мартовските плати нема да добијат зголемување за 12, туку за два отсто.

„Десетте проценти од општиот колективен договор кои важеа за цела земја доживотно за цела јавна администрација, не важат за нас вработените во културата затоа што ни смислија времени решенија од шест месеци кои денес истекоа. Сега истите поединци, директори, раководители, министри не убедуваат дека немаме право на покачување од општиот колективен договор бидејќи со покачувањето на минималната плата ќе земеме 12% покачување според колективниот договор за култура.Тука е замката на реториката, нема да земеме 12 проценти за месец март реално е само два проценти покачување. Иако според сите закони од правната држава ни следуваат десетте проценти од општиот колективен договор и покачувањето од растот на минималната плата според колективниот договор за култура. Ова го знае министерката и сите кои стојат зад овие сценарија, ако пројде пројде. Сакаат преклопување на две засебни права“ велат од Синдикатот.

Mинистерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска претходно му порача на Синдикатот да не дезинформира туку да потврди дека културните работници со мартовската плата ќе добијат највисоко покачување до сега.

„Колективниот договор не е променет, туку само минималната плата, да не се шират шпекулации и теории на заговор. Последниот пат кога се доби 10 отсто покачување беше септември 2023, а за цела година беше вкупно 21% покачување. На крајот е фер да кажеме дека за четири години од 2022 до 2023 покачувањето на платата на културните работници почитувајќи ги двата договори изнесува 40%, а со ова покачување во март е вкупно 52% – објасни министерката.

Синдикатот најави протести и поднесување на кривични пријави за сите кои ќе изготват решенија за плата со скратени права. Ја повикаа министерката да достави законски упатства за пресметка на плата.

Поврзани новости