Синдикатот на македонската дипломатска служба денеска одржа предупредувачки протест пред зградата на Министерството за надворешни работи поради моменталната состојба на македонската дипломатија. Синдикатот бара репрофесионализација на, како што тие велат, деградираното МНР.
Како што велат од Синдикатот, Министерството е целосно деградирано преку партиско преземање и вршење на надворешно-политички активности, катастрофална кадровска политика на амбасадорско ниво, катастрофална кадровска политика во централата во Скопје и институционално нефукционирање на МНР како и антидемократијата во меѓучовечките односи.
-Кога економските промотори се пожалија на висината на надоместокот за сместување, Министерството им излезе во пресрет и веднаш со законски измени им дозволи неограничен лимит за надоместокот за сместување. Тоа не важни и за дипломатските претставници низ светот. Со тоа Македонија создава посебна дипломатска мрежа, која е паралелна со официјалната предводена од МНР, рече претседателот на Извршниот одбор на Синдикатот на македонската дипломатија, Сашко Тодоровски.
Барањата на Синдикатот се најитно да се стават во мирување сите измени на постојниот Закон за надворешни работи од 2008 година наваму и подзаконските акти донесени врз основа на тие измени а да се врати оригиналниот текст на Законот од 2006 година.