Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) обвини дека актуелното раководство во заминување, упатило „заслужни партиски кадри на работа во дваесетина дипломатско-конзуларни претставништва, преку незаконски распишаните интерни конкурси.
– Раководството на МНР, не само што се оглуши од укажувањата на Синдикатот и од генералното Мислење на Антикорупциска комисија од 11.12.2016 година (за распоредувањата на вработените во државната управа до изборот на Влада), туку не покажа доблест да ја прекине незаконски започнатата постапка, ниту во пресрет на формирањето на новата Влада. Напротив, побрза да си ја заврши постапката и да донесе одлуки за избор на преферирани кандидати, и тоа во петокот, на 19 мај, по завршување на работното време. Уште повеќе, за работа во одредени претставништва избра лица, кои учествувале во крвавите настани во Собранието од 27 април, а кои не само што не смеело да бидат избрани, туку против таквите морало да се поведе дисциплинска постапка, паралелно со постапката за кривично гонење – се вели во соопштението од дипломатскиот синдикат.
Овој Синдикат уште еднаш потенцира дека распишувањето на конкурсите, самата внатрешна постапка на избор, како и донесените одлуки, ги смета за нелегитимни, нелегални и без правна поткрепа. Дополнително, одлуките по својата форма се противуставни, затоа што во нив е ускратено правото на жалба, со што е повреден уставниот принцип на двостепеност во одлучувањето и самото тоа ги прави ништовни.
– Синдикатот се надева дека ова опстојување на раководството, до последниот момент да ги згрижува своите кадри во дипломатско-конзуларните претставништва, е последниот чин на повеќегодишната девалвација на професионалната дипломатија и обид за внесување раздор меѓу вработените во Министерството за надворешни работи. Имајќи ја предвид трајната заложба на СМДС за воспоставување на целосна професионална дипломатска служба, очекуваме, идниот носител(ка) на функцијата МНР да ги повлече и поништи незаконски донесените партиски одлуки, како прв чекор кон враќање на достоинството на професијата – велат од Синдикатот на македонската дипломатска служба.