Синдикалците од вторник ќе штрајкуваат со глад, доколку не се реши проблемот со тројцата професори

by Fokus

Доколку до понеделник, не се реши проблемот со тројцата универзитетски професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски од Економскиот факултет при штипскиот Универзитет кои веќе осум дена штрајкуваат со глад, од вторник на нив ќе им се придружи и Советот на Синдикатот за образование и наука (СОНК) врз основа на солидарност. Тоа значи, дека доколку до вторник не бидат избрани во повисоко звање, сите претседатели на региони, (околу 20) и секретари ќе стапат во штрајк со глад.

Ваква одлука е донесена на денешната седница на СОНК со претседателите на регионите на која присуствуваа и тројцата избркани професори. Нивната здравствена состојба од ден на ден се повеќе се влошува. Тие имаат вртоглавица, главоболка, тахикардија бидејќи цела недела не ставиле залче во уста.

Тие бараат до 2 август да бидат унапредени, иако ректорот на штипскиот Универзитет Саша Митрев тврди дека до 7 август се на колективен одмор и не можат до тогаш да постапат по решението на Државниот просветен инспекторат. Работата се проблематизира, бидејќи ако тие до 2 август не бидат избрани во повисоко звање, тогаш ќе треба да се поништи конкурсот и целата постапка да почне од почеток.

Тројцата професори поддршка добија од дел од своите колеги од академската фела, како и од апсолвентите на Економскиот факултет.

 

Поврзани новости