Милорад Милановиќ, независен член на Надзорниот одбор во Македонска навигација пред еден месец е разрешен од функцијата.
Според документите со кои располагаме, Милановиќ е разрешен на 26 декември, 2017 година, а одлуката за негово разрешување ја потпишал заменикот на претседателот на Владата, Оливер Спасовски. На документите може да се забележи дека никаде нема образложение кои се причините за ваквата одлука.
– Од должноста независен член на Надзорниот одбор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација (М-НАВ), се отповикува Милорад Милановиќ – се наведува во одлуката.
Само две недели по разрешувањето на Милановиќ, на 17 јануари, 2018 година од Самостојниот синдикат на Македонска навигација поднесуваат жалба до Владата, барајќи одлуката да прогласи за ништовна поради суштествени повреди на Статутот на М-НАВ, Законот за трговски друштва и мешање во одлучувањето на синдикатот.
– Владата не дава образложение кои се решителните факти со кое ја темели одлуката за отповикување, што е формално-правен пропуст, кој ни оневозможува жалбените наводи да ги насочиме кон нивно побивање. Затоа сме принудени на пошироко образложение на жалбата. Владата го назначи лицето Милорад Милановиќ за независен член на Надзорниот одбор на 3 август, 2017 година на предлог на Синдкатот. Тој за член на Одборот од страна на Синдикатот е предложен на 6 јуни, 2017 година. Вашата одлука ги крши правата на синдикатот на независно одлучување кој член истиот ќе го предложи и избере за свој преставник на НО – се наведува во жалбата од Синдикатот.
Претходно беше објавено дека Милановиќ е додаден на списокот за член на Надзорен одбор, а на негово место требало да биде Едмонд Калиќи. И, тогаш од владата не ги открија причините што точно се случувало.
Пред неколку месеци, од Надзорниот одбор во кој членуваше Милановиќ, а со кој управува Весна Павлов го одбија барањето на Македонска контрола на летање кои побараа од нив да дадат зелено светло за осигурување на компанијата во вредност од 700 милиони евра на годишно ниво. По одржаниот состанок на 21 септември, лани Надзорниот одбор бара од М-НАВ итна измена на тендерската документација.
– Имено, сумата на покритие 700 милиони евра наведена во тендерската документација е превисока и нереална на пазарот за осигурување за овој вид на дејност. Анализата направена од Надзорниот одбор покажа дека М-НАВ АД Скопје има највисока сума на осигурување во регионот, за споредба Словенија 120 милиони евра, Хрватска 250 милиони евра – се наведуваше во дописот од новиот состав на Надзорниот одбор.
За тоа „Фокус“ пред неколку недели објави текст во неделникот, каде што во детали беше објаснето како се одвива целиот процес за осигурување во Македонска навигација, кои се фирмите и дека Надзорниот одбор не дава зелено светло за таквата одлука на новиот менаџмент предводен од Николче Тасески, зетот на министерката за образование Рената Дескоска.
Милановиќ, претходно се најде и во „бомбите“ што ги објави тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, кој преку овие аудио снимки објасни како вмровците ги бркале од работа неподобните и неистомислениците. Во еден од телефонските разговори помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и екс шефот на кабинетот на Никола Груевски, Мартин Протоѓер може да се слушне како коментираат за бркањето од работа на синдикалецот, со оглед на тоа што тој како претседател на Синдикатот за воздухопловна техника во Македонска навигација двапати бил избркан од работа, само затоа што му се спротиставил на претходното раководство поради намалување на 50 отсто од платите на вработените.
1.Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер
ГЈ: Го избркал претседателот на синдикат, шо не е добро за државата, знаеш, во секоја земја синдикатот протестира, дава остри изјави…
МП: Мхм
ГЈ: …Ама работа на работодавецот е да седне да преговара со него
МП: Мхм
ГЈ: А тој па претседателот на синдикат му е татко на еден ватерполист, ја знаеш со ватерполистиве…Ха ха…
МП: Мхм, мхм..
ГЈ: …Си го имам муабетот. И чоеков беше кај мене преку син му, вика молим те, вика ќе му се извинам, се шо треба, да не останам без работа. И јас преку Миле го замолив. И го избрка. Шо мислам не е добро, за државата не е добро да избркаш од работа претседател на синдикат. А причината зошто го избрка, зошо дал некоја изјава со која рекол демек раководството… ааа …нешо ги репресира вработените, ко и секој претседател на синдикат шо вика.
МП: Да да…
ГЈ: А иначе, да му завршеше работа имаше простор све законски, ја не сум будала да му барам нешо незаконски, можеше вика, нека ме суспендира, нека ме казни парично, и се тоа вика човеков нема проблем, све шо треба… И да го казнеше така ќе си го имавме на наша страна. Тие шо.. контрола на летање, шо ни протестираа, утре задутре ќе имавме контрола над нив.
МП: Мхм мхм
ГЈ: Знаеш тогаш коа ни напраија проблем у Брисел ваму-таму…
Ирена МУЛАЧКА