Син на полска пратеничка се самоубил откако било откриено дека бил жртва на педофил

by fokus

Владејачката партија во Полска, Право и правда (ПиС) се најде на удар на критики за смртта на 15-годишниот син на пратеничката од опозицијата, кој изврши самоубиство откако беше идентификуван како жртва на педофил во извештај на државното радио. Магдалена Феликс, претставник на Граѓанската платформа, минатата недела објави дека починал нејзиниот син Миколај.

Миколај изврши самоубиство неколку недели откако Радио Шчечин, дел од државната полска радио мрежа, откри детали за жртвите во извештајот за осудениот педофил, што овозможи Феликс лесно да биде јавно идентификуван.

Миколај Феликс оваа среда (8 март) ќе наполнеше 16 години. На почетокот на март, неговата мајка, полската либерална пратеничка Магдалена Филикс, преку Фејсбук информираше дека нејзиниот син не е меѓу живите од 17 февруари.

Таа кратка вест одекна како гром. Зашто, познавачите на политичката сцена веднаш се запрашаа дали полските медиуми под контрола на конзервативните власти сносат дел од одговорноста за смртта на момчето.

Првиот дел од неговата драма се случи во 2020 година. Во септември истата година, службеник на војводството (провинција Западна Померанија бил уапсен во Шчечин, бидејќи сексуално го нападнал тогаш 13-годишниот Миколај Феликс и давал дрога на 16-годишна девојка.

Една година подоцна, насилникот е осуден на речиси пет години затвор. Процесот се одвиваше зад затворени врати, поради заштита на малолетните жртви. Всушност, деталите за случајот тогаш не протекоа во медиумите.

А јавноста веројатно би заборавила се да не беа политички зачинетите детали. Жртвата не само што е син на пратеничката Магдалена Феликс од опозициската Граѓанска платформа, туку и насилникот и шефот на војводството потекнуваат од истата партија.

Магдалена Филикс (45) е гласен противник на десничарската коалиција која владее со Полска под водство на Јарослав Качински, лидерот на партијата Право и Правда. Феликс со години е вклучена во протести за слобода на судството или против заострување на правата за абортус.

Трагичната смрт на нејзиниот син дојде за време на екот на политичките судири пред парламентарните избори оваа есен. Така, во декември минатата година, Радио Шчечин, државно провинциско радио блиско до режимот, повторно почна да известува за случај на сексуално насилство во војводството.

Главниот уредник на радиото Томаш Дуклановски го претстави случајот како да е свежа вест, тврдејќи дека политичарите на Граѓанската платформа, кои го предводат војводството, се обиделе да прикријат се. Тој, исто така, инсистираше на тоа дека сторителот е активист на ЛГБТ организација.

Во кампањата се приклучија и други режимски медиуми. Во медиумите се појавија информации кои овозможија идентификација на малолетните жртви. Дуклановски напиша дека се работи за „деца на позната жена“. Сликите на Магдалена Феликс кружеа на Интернет. И тогаш нејзиниот син си го одзел животот.

Ваквото медиумско известување го крена на нозе и полскиот совет за печат. Него го критикуваше и Блажеј Кмициќ, шеф на Државната комисија за истражување на злоупотреба на деца. Ако извештаите во медиумите овозможуваат „да се дознае идентитетот на малтретираните деца за петнаесет секунди“, тогаш таквата новинарска работа е „погрешна, неморална и недостојна“, рече Кмициќ.

„Зборовите можат да убијат“, вели Бартос Виелински, новинар на либералниот весник Газета Виборча. На колегите кои известуваа за случајот на злоупотреба на овој начин им порача дека „не се новинари, туку претставници на пропагандниот апарат“.

И покрај бранот огорченост, Радио Шчечин сè уште нема преземено конкретни чекори. Претседателот на управниот одбор најави соработка во расветлувањето на случајот. Уредникот Дуклановски не се јавува на ничиј телефон.

Државното обвинителство покрена истрага поради сомнение за поттикнување на самоубиство. Сепак, не беше кажано дали има конкретни осомничени или тоа е само рутинска проверка по самоубиство.

Поврзани новости