Дамјан Пандов, син на истакнатиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, отвори нова маркетинг-агенција, ЕЛЕМЕНТ ДИГИТАЛ ДОО.
Помалиот син на директорот на Управата за извршување на санкции, кој е профилиран специјалист за дигитален маркетинг, реши своето професионално искуство од интернационалната IT LABS да го пренесе во сопствен бизнис.
Според податоците од Централен регистар, на 5 октомври основано е Друштво за дигитален маркетинг, рекламирање и комуникациски услуги ЕЛЕМЕНТ ДИГИТАЛ ДОО Скопје со домашен капитал и основачка главнина од 309 илјади денари.
Како косопственици и основачи на компанијата се водат Дамјан Пандов, Татјана Лопарски и Александра Петровска Јованова која ќе биде и управител на рекламната агенција.
Дамјан Пандов е активен и препознатлив член на подмладокот на владејачката партија — Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ.
Неговиот брат, Столе Пандов, во август 2026 година официјално беше избран за заменик генерален секретар во новиот Извршен комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, ја врши функцијата советник за млади во кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски од 2024 година.
Нивниот татко, Александар Пандов е поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, долгогодишен претседател на Патриотскиот институт на партијата „Гоце Делчев“, а од јули 2024 година ја извршува функцијата директор на Управата за извршување на санкции.
Татјана Лопарски е истакнат експерт за односи со јавноста, долгогодишен претприемач, предавач и поранешен новинар и уредник во неколку македонски медиуми.
Таа е основач и извршен директор на една од водечките пиар агенции во Македонија, Елемент ПР . Лопарски има искуство и како портпарол во кабинетот на поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски.
Нејзиното име се најде во фокусот на јавноста по предлозите на Министерството за надворешни работи за пополнување на амбасадорските места, при што таа е номинирана за амбасадор на Македонија во Будимпешта, Унгарија.
О.К.