Алта банка АД Битола информира дека од утре во главната филијала на АЛТА банка АД Битола, на ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола, ќе започне исплата на готовина за клиентите кои имаат платежни сметки во Банката, но немаат платежни картички, особено за пензионерите и примателите на социјална помош.
„За таа цел ќе бидат отворени повеќе шалтери, а од 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се овозможи навремена услуга за што поголем број клиенти. Согласно утврдените мерки, клиентите ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели.
Исплатата ќе се одвива според однапред утврден распоред, за кој клиентите ќе бидат известени преку СМС-порака со точниот ден и час за посета на филијалата.
Ги замолуваме клиентите да се придржуваат до добиените термини, со цел да се избегнат непотребни гужви и подолго чекање. За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за исплата на готовина, без можност за вршење други банкарски трансакции.
Во тек се подготовки за овозможување исплата и во други градови низ земјата, за што дополнително и навремено ќе ги известиме клиентите.
Ви благодариме за разбирањето и трпението“, се вели во соопштението на банката која од неделата е под администрација на НБРМ и ја управуваат тројца експерти кои ги назначи гувернерот Трајко Славески.
О.К.