Во тинк-тенкот „Центар за стратегиски и меѓународни студии“ оваа недела била тестирана игра која симулира можна кинеска инвазија на Тајван, што е прва комерцијална игра од ваков тип.
Според сценариото на играта, кинеската инвазија на Тајван би ги вклучило и САД во одбрана на Тајван, пренесува „Волстрит џурнал“.
Ако Кина го нападне Тајван, островот успешно би се одбранил со помош на САД и Јапонија, но загубите би биле огромни и на двете страни, покажува симулацијата на можен воен конфликт во Индотихоокеанската област.
Сценариото за оваа воена игра претпоставува дека Кина одлучила да го нападне Тајван и дека САД му доаѓаат на помош на Тајпеј.
Во првите три недели по потенцијалната инвазија на Тајван, Кина би потопила два американски носачи на авиони и други американски бродови, би ги нападнала американските бази во Јапонија и Гуам и би уништила стотици напредни американски борбени авиони.
Кина би истоварила 20 000 војници на југоисточниот брег на Тајван, но нејзината амфибиска флота би била уништена од американски и јапонски ракетни и подморнички напади.
Бидејќи Кина го гледа Тајван како своја територија со која сака да се обедини, во оваа намера не е исклучена употребата на воена сила.
Замислениот конфликт е сместен во 2026 година, а секоја страна е ограничена од воените способности што ги има во реалноста. Седумчасовната воена игра вклучувала „црвени“ и „сини“ тимови, како и сложени компјутерски пресметки.
Противничките тимови наизменично ги менувале картите на Пацификот и на Тајван, а компјутерите пресметувале сè, од големината на воените писти до времето потребно за повторно вооружување на подморниците. Симулацијата не вклучувала употреба на нуклеарно оружје.
И покрај големите загуби на бродови, авиони и работна сила, американските сили би ги бомбардирале кинеските пристаништа, би елиминирале голем број бродови и успешно би ги нападнале послабите кинески амфибиски бродови кои служат за транспорт на војници и резерви.
Според симулацијата, Тајпеј и САД би можеле да го одбранат островот, но цената за економијата на Тајван би била висока.
Во извештајот се наведува дека војската на САД би била толку „ранета“ што ќе бидат потребни години за да се обнови, што последователно ќе влијае на американската глобална моќ.