Симулација на „Европскиот фронт“ – Османи претседател на државата, Села на Собранието, а Бугарите внесени во Уставот

by Fokus

Зијадин Села – претседател на Собранието, Бујар Османи – нов шеф на државата, а Бугарите и уште пет народи внесени во Уставот

Вака изгледаше симулацијата на првата конститутивната седница на „победничкото Собрание“ што денеска го одржа коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, по повод првиот ден од почетокот на изборната кампањата за парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај.

Симулацијата на конститутивната седница на Собранието ја отвори претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој најпрвин избра двајца заменици – Фатима Османовска и Бејџан Иљаз, а потоа како прва точка на дневен ред ја предложи верификацијата на мандатите на пратениците избрани на парламентарните избори.

Втора точка на дневен ред на симулираната седница беше избор на претседател на законодавниот дом.

На оваа функција, според симулацијата, беше избран Зијадин Села од Алијанса за Албанците, кој му се приклучи на „Европскиот фронт“ по расколот со Арбен Таравари.

Како трета точка на дневниот ред, беа предложени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од Уставот на Република Северна Македонија, преку негова измена со гласање на 120 пратеници.

Четврта точка на дневниот ред беше свечената декларација на претседателот на Република Северна Македонија, а по говорот на Бујар Османи, првата конститутивна седница на Собранието на Република Северна Македонија беше завршена.

Поврзани новости