Револуционерната идеологија има за задача да ја јакне македонската држава и сите нејзини задачи и атрибути кои во денешно време се ставени под знак прашалник, беше истакнато на научниот симпозиум 129 години ВМРО „Борбата за Македонија која трае“, што денеска го организираше политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
На симпозиумот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање денеска го честита 23 Октомври, и напомена дека 129 години од постоење на Организацијата е сериозна бројка за која многумина животот го дале, многумина животот го даваат, и многумина ќе го даваат во иднина.
-На новата генерација политичари во Македонија, новата генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ е честа, обврска и привилегија да го брани најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ. И тоа можеби е голем предизвик, но јас сум убеден дека ние сите можеме да одговориме на тој предизвик, онака како што само знаееме и умееме – цврсто, храбро и мотивирано да го одбраниме најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ, рече Мицкоски.
Тој порача дека иднината е она за која сите ние треба да се бориме, да обезбедиме иднина на поколенијата кои ќе дојдат после нас, а за тоа, како што рече, потребен е голем општествен договор.
Тој договор, како што рече, значи обединување и отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон општествените елити, различни структури на луѓе, кон младите, кон оние кои се во посериозни години, кај оние кои се во поодминати години, кај професорите, кај работниците, адвокатите, медицинските работници, кај сите оние кои во општетсвето се уште не го дале својот последен збор.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски на симпозиумот говорејќи за идејата за автономна и самостојна држава, посочи дека земјата треба да биде водена од борбата за овозможување на подобро место за живеење, економски подобра земја и држава во која идните генерации ќе сакаат да останат и да ја развиваат онака како што сакаат.
Според него денешните предизвици со кои се соочува државата во однос на докажувањето на својата посебност, автономија и суверенитет се слични на оние во 19 век.