Во овие моменти има услови да се спроведе пописот на терен, но секој поединец мора да ги почитува безбедносните протоколи, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по неговата средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи и претставници на трите најголеми верски заедници во земјава.
– Комисијата за заразни болести апсолутно ја следи состојбата на дневна основа. Ако ситуацијата дојде таква да спроведувањето на пописот биде нецилисходно и Комисијата препорача одлагање, ние апсолутно ќе го почитуваме тоа. Нема да дозволиме никој да биде ставен во опасност и да бидеме причина за ширење на вирусот, истакна Симовски, одговарајќи на новинарско прашање дали ДЗС размислува за одлагање на пописот, имајќи предвид дека расте бројот на новоинфицирани со Ковид-19.