Ќучук: Важно е Скопје и Софија да ја вратат довербата од 2017 која „по пат се изгуби“

by Fokus

Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук, за МИА изјави дека е задоволен од широката поддршка за неговиот извештај за земјата во Европскиот Парламент, и смета дека се постигнати важни компромиси меѓу сите страни.

Редовниот парламентарен извештај за напредокот на Македонија беше изгласан со 61 гласа „за“, четири „против“ и два воздржани.

За европратеникот од Бугарија и автор на документот ова претставува важен успех, вели тој за МИА.

-Имаме огромно мнозинство затоа што успеавме да собереме голема поддршка, поминаа сите компромиси, јас сум седум години во Комисијата за надворешни работи и обично мнозинството е околу 50 гласа, ова е навистина широка поддршка, вели Ќучук во изјава за МИА.

Извештајот на 25 март ќе биде поднесен за гласање на пленарната седница на Европскиот Парламент, каде и таму се очекува широка поддршка.

Документот ги истакнува областите каде што е постигнат напредок во Македонија, но и областите каде што се потребни дополнителни напори. А, во однос на добрососедските односи и односите со Бугарија се нагласува нивната важност за целокупниот процес.

-Добрососедските односи се важен дел од преговарачкиот процес, без нив нема напредок во процесот ако Бугарија и Северна Македонија не најдат разбирање, но тие не треба да бидат дел од преговарачката рамка, вели Ќучук за неговиот извештај.

Според него сега е важно Скопје и Софија да ја вратат доверба од 2017 која „по пат се изгуби“, историските прашања да ги разгледаат историчарите и да се стави акцентот на поврзаноста помеѓу двете страни од секој аспект: инфраструктурен, човечки, образовен, итн.

Поврзани новости