Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски денеска на прес-конференција рече дека пописот се одвива со посакуваниот интензитет, без проблеми и изрази надеж дека успешно ќе заврши во планираниот рок.
Според Симовски, само вчера биле попишани точно 93.235 лица, 23.491 домаќинства и 40.155 станови. Во ДЗС, како што кажа, задоволни се и од темпото на попишување и од работата на попишувачите.
Во врска со одбивањата на граѓани да се попишат, Симовски рече дека одбивањата се незначителни, со тие граѓани се разговара и голем дел од нив се согласувале да се попишат.
„Бројот на одбивања е исклучително мал, очекувам денес да имаме точен број. Но, таму каде што има првично одбивање, одиме повторно и разговараме и досега најчесто тие граѓани се убедуваат најчесто и се попишуваат“, изјави Симовски.
Тој додаде дека досега не се применуваат никакви санкции и се надева дека ќе ги убедат тие граѓани дека пропагандата против спроведување на пописот е систем на дезинформации и целта е сосема друга.
Според Симовски, негативната кампања за пописот ја имаше и ја има цело време, не престанува, но граѓаните не наседнуваат на оваа кампања. Тој уште рече дека масовниот одѕив на граѓаните е показател за свесноста и за одговорноста на секој од нас, бидејќи врз основа на собраните податоци ќе се носат одлуки.
Одговарајќи на новинарско прашање, Симовски уште кажа дека клучот за некое лице да биде попишано е матичниот број и без документ не може да се направи попишување, а таму каде што некој член не е присутен се договора термин кога ќе биде присутен и да се попише.
Инаку, според податоците изнесени на денешната прес-конференција во Владата, заклучно со вчерашниот ден попишани се вкупно 512.450 граѓани, 158.519 домаќинства и 212.464 станови.