Ако се одржеше пописот во 2011 година, Македонија (секако нереално) можеби ќе имаше три милиони жители, но во 2020 најверојатно ќе има помалку од два. Ова се очекувањата на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој има поминато 27 години во оваа институција, пишува „Призма“.
Вели следниот попис во Македонија би бил регуларен и без обиди за фалсификати и притисоци. Но очекува слика која нема да ни се допадне. Според директорот на ДЗС пописот ќе открие дека има големо иселување од државата, реалност, вели, што мора да ја прифатиме.
Не сака да ги коментира наодите на СЈО, од каде вчера информираа дека отвораат истрага за пропаднатиот попис во 2011 година.
„Ниту сакам, ниту смеам да ги коментирам наодите и сомневањата на СЈО во однос на пропаднатиот попис во 2011 година. Секако, многу ќе ни значи, и ние во Заводот, а и јавноста да дознаеме што навистина се случувало при спроведувањето на овој попис. Се надевам дека резултатите од оваа истрага, донекаде ќе го исперат срамот што ѝ се нанесе на нашата институција со неуспехот на пописот“, вели тој.
Симовски потсетува дека само Македонија и Сомалија не успеале да спроведат попис во годините околу 2010-тата.
„Ако не се прекинеше, ќе произлезеше дека во земјава има 3 милиони жители со оглед на тоа што очигледно се попишуваа и лица кои беа единици на попис, но и лица кои не беа. Голема е веројатноста дека имаше и повеќекратно попишување на исти лица, со единствена цел, на крајот, некоја од етничките заедници да биде со поголема, односно со помала застапеност во вкупното население“, додава директорот.
Ако минатиот попис, кој заврши неуспешно во 2011 година, чинеше, односно требаше да чини 14 милиони евра, пописот што следува, се очекува да чини околу 8,5 милиони евра.
„Тоа беше политички попис, се формираше Државна пописна комисија, која беше политичко тело, а која согласно донесениот Закон требаше да го спроведе Пописот, додека ние како Завод за статистика практично бевме само даватели на услуги на таа комисија. За разлика од тогаш, сега ние ќе ја водиме работата, ние ќе бидеме тие што ќе го спроведат пописот, согласно Законот за државна статистика“, посочува Симовски.
Тој смета дека полето за „етничка припадност“ воопшто и не треба да биде дел од пописниот материјал, како што е, впрочем, и во многу други држави.
„Од статистичка гледна точка, етничката припадност и вероисповедта не играат никаква улога, бидејќи тоа се менливи категории и јас ќе се залагам овие две работи да не бидат дел од претстојниот пропис, туку единствено делот за мајчиниот јазик на лицата кои ќе бидат попишувани. Јазикот што се зборува во семејството е задолжителна категорија и таа секако ќе ја регистрираме. Јазикот, пред сѐ, е потребен заради планирање на образованието“, вели Симовски и додава дека дел од пописот треба да бидат и лицата кои не живеат во земјава, за да се добие слика за бројот на иселеници.