Многу е погрешно размислувањето во јавноста дека Избирачкиот список најдобро може да се прочисти со спроведување попис на населението и впарување на податоците од двете бази на податоци, вели за МИА директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
– Избирачкиот список ги содржи сите државјани на РМ постари од 18 години, независно дали се во земјата или каде било во странство. Категоријата „вкупно население“ од пописот ги вклучува сите државјани на РМ присутни во земјата во критичниот момент на пописот, сите отсутни државјани од земјата, но не подолго од една година, и сите присутни странци подолго од една година. Избирачкиот список е административна база на податоци, додека Пописот на населението е статистичко истражување и има сосема поинакви цели – истакнува директорот на ДЗС.
Во врска со пописот најавен за 2020 година, Симовски е дециден дека ќе се спроведе, бидејќи, како што вели, веќе течат подготовките и се преземаат сите мерки за процесот да се одвива без какви било политички влијанија.
– Сите подготовки одат согласно предвидената динамика. Со оглед на тоа што единствената причина за пропаѓањето на претходниот попис беше огромното политичко влијание врз оваа, инаку статистичка операција, ги преземаме сите неопходни мерки ваквата ситуација да не се повтори. Пописот ќе го спроведе ДЗС, а не некаква државна пописна комисија, која беше класично политичко тело – тој.