Само во Германија живеат над 130 илјади наши сограѓани. Секое трето новороденче се раѓа во странство – затоа населението во Северна Македонија старее. Директорот на ДСЗ не очекува дека пописот ќе регистрира повеќе од 1.5 милиони жители во државата.
„Она што сите не загрижува е дека голем број на луѓе ни се отселуваат. Показателите кои ги прибираме со статистичките истражувања во однос на раѓањата укажува дека имаме континуиран пад на раѓањата дома, додека расте на раѓањето во странство. Сето ова укажува дека добар дел од нашата популација е иселена од државата. Оттука е и мојот страв дека бројките на населението се помали. Податоците што ги гледав се запрепастувачки. Податокот од германскиот статистички завод е дека крајот на 2020 година во Германија имаме 128.000 македонски државјани кои престојуваат таму, со одобрение за престој. Тоа е огромна бројка. Не знаеме колкав е бројот на наши лица кои потекнуваат од Македонија, а имаат германско државјанство, бидејќи Германците не дозволуваат двојно државјанство, но исто така немаме податок колку наши државјани отишле таму со бугарски пасош, бидејќи ги сметаат како бугарски државјани, а таква бројка е близу 300.000. Само овој податок ќе ве замисли. Каде се останатите европски земји, прекуокеанските земји. Од она што сега го прибираме со самопопишувањето во странство, верувајте ми дека нема точка на земјината топка каде немаме наши државјани, вели Симовски во Утрински брифинг.