Пописот е стручна статистичка операција, не политичка операција. Дали некому резултатите му се бендисуваат или не, не знаеме, ниту пак одговараме за тоа. Наша обврска беше реална слика на состојбите, вели директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.
Во интервју за МКД.мк и Рес публика тој објаснува дека не постои опција некој да го признае пописот, а за тие лица што јавно искажале бојкот на пописот ДЗС поведува постапка пред МВР, по што институциите си ја преземаат постапката.
Изјавите на бугарски претставници за уценување на македонските Бугари на пописот ги нарекува политиканство, но целосно е разочаран од однесувањето на иселениците во прекуокеанските земји.
Што се однесува до бројката на попишани лица и бројката на гласачи на Избирачкиот список, вели дека лицата што на „плус“ на Избирачкиот список всушност се надвор од државата.
Пописот и Избирачкиот список се две сосема различни работи и буквално никогаш не треба да се мешаат. Такви изјави сум слушнал и од официјални претставници на институции, министри, премиер, од невладин сектор. И не знам зошто упорно се прави паралела меѓу овие две работи. Правото на учество на избори го има секој наш државјанин без оглед каде се наоѓа ако е полнолетен. Правилата да се биде дел од пописот се утврдени со методологијата и тоа нема врска со избори. Таа е светска методологија и важи за сите земји во светот, без исклучок.
И овие две работи не смеат да се мешаат, бидејќи единици на попис може да бидат и недржавјани на нашата земја, а ние сакаме да ги опфатиме тие што се државјани, а не се дел од резидентното население. Таа е клучната категорија што ние мораме да ја добиеме со пописот. Тоа е стандардот секаде.
во пописот се и децата и малолетните, а во списокот не се. Значи каде се тие што се во Избирачкиот список? Надвор од државата, многу едноставно и просто. Ние на крајот ќе излеземе со податок колку од нашето население е надвор. Нема да знаеме за сите каде се и колку време се, но ќе знаеме бројка, колку се во земјата, а колку се надвор, вели Симовски.