Обвинителство со дежурства ќе го следи гласањето

by fokus

Јавното обвинителство информира дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – „кривични дела против изборите и гласањето“, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.

– Јавните обвинители  посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање, се наведува во денешното соопштение на ЈО.

Обвинителството информира и дека во текот на утрешниот изборен ден ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства.

– Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување, се додава во соопштението.

Јавното обвинителство воедно потсетува дека во функција е отворената електронска адреса izbori@jorm.mk, каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок или пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.

Поврзани новости