Симона Ристовска од Скопје повеќе од 10 години е љубител на боди-билдингот како спорт, а две години работи како фитнес-инструкторка. Таа од декември, 2019 година добила лиценца за „бодибилдинг и фитенс инструктор“, а својата приказна за страста кон овој спорт ја раскажа во интервју за „Фокус“.
Како што вели таа, веќе од 16 години е во светот на фитнесот и отсекогаш се восхитувала на луѓето со убава фигура и изглед. Освен тоа, Ристовска е љубител и на танцот и е зумба-инструктор.
„Мојот живот беше секогаш полн со активности, љубовта кон танцот постоеше откако знам за себе. Прво започнав со стандардни латино танци, потоа хип хоп, бев член на познатата танцова емисија „Супер ѕвезда“ , потоа се занимавав со регетон танц и на крај со зумба – веќе 1 година работам како зумба инструктор. Танцот е најдобра вежба за вашето тело, забавен начин да ослабите и да ја исфрлите негативната енергија. Претставува програма на аеробни вежби каде што се вклучени елементи на танцување, т. е. комбинација на основни чекори од танците кои се применуваат на латино и интернационална музика со цел да се направи вежбањето забавно, а тоа ме прави и по среќна, исполнета и позитивна“, го започна разговорот Ристовска.
Интересот за овој спорт во Македонија постои, но како што додава нашата соговорничка, повеќе е популарна зумбата.
„Бодибилдингот не е само спорт туку и уметност. Во Македонија за разлика од понапредните земји, меѓу луѓето се уште постои неразјаснета дефиниција за поимот фитнес. Поточно женската популација го третира како кревање на големи килажи и големи мускули. Фитнесот е спорт и наука, жените кој веќе пробале и се насочени кон тој спорт, исто како и јас, ќе кажат дека со кревање на одредена килажа-тегови и други помагала, како и користење разни справи, само доаѓате до една издефинирана фигура на вашето тело. Зумбата е одлична вежба за целото тело, составена од програма на аеробни вежби каде што се вклучени елементи на танцување со полна сала позитивна енергија“, вели Ристовска.
Таа испраќа порака до сите кои би сакале да влезат во светот на фитнесот, да побараат совет од стручно лице, затоа што бенефитите се огромни.
„Уверена сум дека на секој му е потребна помош кога ќе започне со нешто ново. Повеќето почетници на кои им се нуди таквата опрема, не знаат да ја користат и правилно да изведуваат одредени вежби. Затоа инвестирајте правилно и побарајте помош од стручни лица бидејки бенефитите кој ќе ги добиете се: мотивација и подршка, вовед во светот на здравиот начин на живот со режим на балансирана и здрава исхрана, професионален пристап, стручност и надзор во целиот тек на тренингот, ефикасност при достигнување на вашите цели. Тренинзите можат да бидат кардио и тежински, комбинирани и сл, а тука да не заборавиме дека исхраната игра голема улога во целиот тој процес“, советува оваа девојка.
Брзиот развој на технологиите си го прави своето, па така и луѓето од нашата земја, стануваат се повеќе свесни за својот надворешен изглед и обрнуваат повеќе внимание на тоа.
„Младите, па и постарите лица следејќи ги популарните веб страници, знаат веќе што е добро за нив и преземаат мерки за нивниот изглед и здравје. Па така одредени луѓе бараат помош од личен тренер кој ќе ги насочи кон правилен начин на исхрана и изведување на потребните вежби“, додава таа.
Како што истакна Ристовска, дисциплината и резултатот се доказ за нејзината работа. Видните резултатите самите по себе зборуваат колку клиентите се задоволни од нашите тренинзи, потенцира фитнес-инструкторката.
Сепак, есенцијален момент во фитнесот е начинот на исхрана и тоа да се остане имун на сите слатки задоволства кои се нудат од кујната.
„Знаев да јадам и што треба и не треба, не јадев зеленчук и овошје. Се разболував, железото ми беше слабо, имав проблеми со цревата и брзо чувствував замор. Со текот на годините мојата самосвест почна да се движи во нагорна линија па сфатив дека она што сакам да го постигнам во однос на изгледот, а и здравјето со овој начин на исхрана е невозможна мисија. Решив да го сменам „лошиот“ и да го вметнам здравиот начин на исхрана. На почетокот не ми беше сеедно, но за секој оброк пронаоѓав решение како послатко да го внесам во мојот организам. Најважно е што проблемите со здравјето исчезнаа, метаболизмот ми е одличен, многу ретко настинувам, а сега во оваа ситуација во која се наоѓаме најмногу е потребна здравата исхрана и внесувањето на многу витамини. Во однос на изгледот самото тело со менување на здравите навики, односно здравата храна ги одстранува непотребните токсини и масти во телото, па организмот станува почист и така полесно е да дојдете до посакуваната фигура“, ни раскажа Ристовска.
Што значи правилна и здрава исхрана и како би требало да се храниме со цел да имаме подобар надворешен изглед?
„Според мене правилно е да се храниме балансирано. Секое тело е различно, па затоа треба да се снабди со правилен сооднос на макро и микронутриенти во исхраната, односно јаглени хидрати, масти, протеини, витамини и минерали. Сите тие си имаат своја уникатна улога, а потребни му се на телото за раст, развој и одржување на нормална функција на организмот. Внесувајте повеќе течности“, го продолжи разговорот Ристовска.
Дел од популацијата има желба за оформување на своето тело, но најчесто не се знае од каде да се почне. Нашата соговорничка порачува – најважна е желбата и истрајноста во одредени работи.
„За да промените нешто прво помислете на вашето здравје, а потоа на тоа како би изгледале. Почнете да ги избегнувате оние намирници кои сите сме свесни дека се навистина штетни и опасни за нашето здравје и тоа: (брза храна, грицки, бели пецива, газирани сокови и сл.). Верувам дека секој сака да изгледа добро и да биде здрав, но уверена сум дека поголем дел од луѓето не знаат како да стигнат до тоа. Затоа сите ние кои сме „заразени со фитнес“ должни сме на било каков начин да ги едуцираме и упатиме сите оние кои сакаат да имаат здрав начин на живот, преку прикажување и презентирање на бенефитите кои ги носи фитнесот“, истакна таа.
Со нашиот македонски стандард, Ристовска вели дека сепак луѓето можат да си дозволат да посетуваат велжбалници со професионални тренери.
Таа вели дека обично мажите биле оние кои повеќе сакале да посветат внимание на вежбањето и обликувањето на нивните тела, но за голема среќа денес процентот се зголемува и кај дамите.
Како што се наближуваат новогодишните и божикните празници, така и расте апетитот кај популацијата за сите јадења кои ќе бидат на маса тие денови.
Ристовска советува, ако се јаде обилно, истото тоа да се „потроши“ со физичка активност со цел во телото да не остане таков „терет“.
„За празниците најверојатно ќе заборавите на сите правила за избалансирана и здрава исхрана. Ќе посегнете по сите мали и слатки задоволства кои сте ги одбегнувале. Но, не заборавајте на самоконтролата, сепак јадете од се, но, со мерка. Во овие денови обидете се барем да бидете поактивни ако јадете пообилно, краток тренинг дома или прошетка по ручекот“, го заврши разговорот Ристовска.
Фото: Дарко Коцев
Јорданчо Цветаноски