Пендаровски: По случајот во кој беше вмешана специјалната обвинителка граѓаните ја изгубија надежта во правдата

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски, во своето обраќање во Собранието, се осврна и на правдата и правниот систем.

-Дали конечно ќе ја поставиме на здрави темели правната држава не е прашање на техничка реформа на некоја од правосудните институции. Тоа е егзистенцијално прашање за опстанокот на нашата држава. Од правната држава директно зависат: економскиот развој, демократијата, конечно, и емиграцијата. Младите и способните не ја напуштаат својата земја само заради гол опстанок, туку, често и поради (не)квалитетот на животот. А, правдата е еден од клучните аспекти на квалитетот на животот. Секој сака да живее во организирано општество и во држава со предвидлива иднина.

После години поминати во следење и анализа на катастрофалните демографски индикатори, треба да разбереме дека иселувањето е една од најголемите закани за нашата национална безбедност. Решението, според мене е, час поскоро, со натпартиски консензус да усвоиме стратегија за справување со овој огромен проблем. За ова, сите партии и политичари имаме идентичен став затоа што се иселува нашата младост, независно од етничката припадност. Неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста на цели генерации кои имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење.

По случајот во кој беше инволвиран првиот човек на некогашното СЈО граѓаните како уште повеќе да изгубија надеж дека правдата и борбата против корупцијата се возможни. Наша обврска како политичари е, не на некој друг, таа надеж дека правдата е достижна и дека нема недопирливи, да им ја вратиме на граѓаните.

Владата ја постави борбата против организираниот криминал и корупцијата за свој највисок приоритет и тоа е за поздравување. Меѓутоа, во Владата, исто така, треба да бидат свесни дека успехот во таа борба, ќе биде во исто време и клучниот индикатор, според
кој, не Брисел, туку нашите граѓани ќе ценат дали ќе го оправда мандатот што го доби на изборите на 15 јули, порача Пендаровски.

Поврзани новости