Симона Јованоска е добитничка на годинешната награда „Роман на годината“ за своето дело „Денот на црвот“ во издание на издавачката куќа „Или-или“.
Импресиите од добиената награда полека стивнуваат, а и самата Јованоска е среќна што го доби ова престижно признание.
„Периодов ми е малку потрубулентен од вообичаено. Изненадена сум за интересот околу целиот настан, не очекував дека ќе ми пишат толку многу луѓе. Генерално убави впечатоци имам“, го започна разговорот Јованоска.
Нејзината книга ја опиша како динамична која содржи хумор и пародија и која, според Јованоска, треба секој да ја прочита.
„Денот на црвот содржи приказни на луѓе од соседството кои, на ваков или онаков начин, се поврзуваат односно се надоврзуваат една на друга. Дејствието се случува во еден ден, започнува со црвот којшто излегува од земјата во потрага по уживање. Би рекла дека е динамичен, оптимално обемен, содржи хумор и пародија, но и наметнува особено сериозни теми какви што се родителството, личниот идентитет, справување со животни порази како и чинот на ослободување“, вели таа.
Наградата „Роман на годината“ се доделува од 1999 година а доделувањето го започна Утрински весник. Но, по згаснувањето на весникот во 2017 година, таа ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“, која беше формирана од новинари и уредници од весникот. Јованоска е осма жена добитничка на наградата (Оливер Николова двапати се закитила со вакво признание).
„Книжевните награди не треба да подлежат на родови трендови, ниту пак на жените некој треба да им ја „даде“ рамноправноста во општеството којашто по дифолт им(ни) припаѓа. Треба да станува збор за романот – или е добар, или не е. Ниедна награда не треба да се додели или да не се додели само зашто победникот е маж или жена. Зошто процентуално има помалку жени отколку мажи автори на домашната сцена е можеби вистинското прашање“, додава таа.
Пандемијата која започна на крајот на 2019 година, а во Македонија дојде од крајот на февруари 2020 година, и помогнала многу на авторката при создавањето на ваквото дело.
„Пандемијата беше последната капка што ја прели чашата. Околностите овозможија поголем притисок, кој пак ме поттикна да пишувам. Среќна сум што на ваков начин успеав да се износам со новонастанатите предизвици и посакувам никогаш да не се повторат“, истакна Јованоска.
Во книжевноста според неа, не постојат идеални дела, туку секогаш остануваат на врвот оние на кои постојано се навраќаме.
„Само по себе, ниедно дело не е идеално. Може да биде такво кај одреден профил на читатели и токму затоа луѓето продолжуваат да пишуваат, со надеж дека ќе допрат до некого раскажувајќи приказни. Првенствено секогаш доаѓа приказната, големата слика на делото, а веднаш потоа доаѓа разработката на ликовите, стилот на раскажување, тонот меѓу редовите како и чувството кое делото го остава по читањето“, анализира нашата соговорничка.
Се почесто македонските авторки се застапени на рафтовите во книжарниците и издавачките куќи низ Македонија, а ваквата награда наметнува еден вид одговорност.
„Лично не верувам дека оваа награда менува нешто во правец на поголемо перцепирање на домашните автори за сметка на странските. Сепак, ова е награда на едно, изолирано дело и не игра улога во содржината и квалитетот на она кое генерално се пишува. Со цел да се подели одговорноста на нечитање домашни автори ќе ги споменам и читачките навики и трендови – сé помалку се чита, сé помалку се има време“, додава таа.
Не постои одреден писател кој влијаел врз нејзиното творештво, а таа се надева дека нејзиниот стил ќе еволуира во дела со трајни вредности.
„Би рекла дека секој писател, секое дело, помалку или повеќе влијаело врз мене, мојот стил и израз како и моите размислувања. Дури и од лошите дела има што да се научи. И не само книжевните дела, туку и филмови, серии, музика, видени претстави, изложби, посетени места. Целокупните впечатоци, образование, воспитание и љубопитност ја прават мојата личност она што е, и се предуслов да размислувам, чувствувам и раскажувам на начинот на којшто го правам тоа. Како и сé што е живо, така и мојот стил се менува, па се надевам дека ќе еволуира во дела со трајни вредности“, смета Јованоска.
За крај, таа вели дека се соочува со сите моменти кои и предизвикуваат страв и немир и од сето тоа се труди да извлече нешто добро и корисно.
„Најголем страв ми е стравот дека нешто лошо може да им се случи на децата. Откако станав родител почнав поинаку да ги перципирам егзистенцијалните прашања и да сочувствувам со разни, понекогаш далечни, приказни и судбини. Се трудам да се соочам со она кое ме заплашува и ми создава немир и во секоја прилика да го канализирам во нешто добро или корисно. Засега борбата продолжува“, го заврши разговорот Јованоска.
Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, а делото „Денот на црвот“ е нејзин прв роман.
Фото: Гоце Лалковски
Јорданчо Цветаноски