Иако фудбалот низ светот е спорт во кој генерално се застапени мажите, тука е и женскиот фудбал кој за волја на вистината има помала популарност.
Во Македонија ситуацијата не е нешто поразлична, а Симона Јанкуловска од Скопје е девојка која пркоси на тие стереотипни размислувања. Јанкуловска е фудбалски тренер на млади деца од главниот град, а своето слободно време го поминува дружејќи се со уметноста.
Токму и оваа несекојдневна спојка беше причината за „Фокус“ да направи интервју со неа и да ни раскаже нешто повеќе и за женскиот фудбал во Македонија.
„Почнав со фудбал од свои 10 години. Брат ми одеше на фудбал и еден ден моите ме однесоа на негов натпревар. Кога заминав на мечот, се залепив на мрежата и почнав да плачам од убаво чувство. Оттогаш, јас одлучив дека сакам да играм фудбал“, го започна разговорот нашата соговорничка.
Нејзините родители на самите почетоци биле против желбата на Јанкуловска, но сепак на крајот морале да попуштат и да ја поддржат во нејзината замисла.
„Мајка ми не можеше да излезе на крај со мене за одлуката, но сепак почнав да тренирам фудбал. Тренирав со момчиња четири години и уште толку со девојчиња. Ми беше тешко да се вклопам во околината. По некое време, пративме мејл во ЖФК Машинац во Ниш, Србија. Тие беа меѓу првите во таа држава. Ме викнаа кај нив, бев и на летни подготовки. Две седмици поминав супер, тренирав многу. Морав да чекам неколку месеци за да потпишам таму. И тие сакаа да одам кај нив, да ми помогнат. Сепак, на крајот јас откажав поради финансиските примања, тоа беше проблем“, раскажува таа.
Јанкуловска е репрезентативка на Македонија до 17 и 19 години, а на само свои 18 години решила да ја прекине штотуку почнатата кариера.
„Не се каам за тоа и знам дека одлуката ми била правилна. Во тој момент не сум бил сигурна но ете, некој ме натерал. Кога се вратив од Србија, тука во Македонија играв уште краток период и не можев да го издржам непрофесионалното однесување и на 18 решив да прекинам со фудбалот. Стекнав убаво искуство. Како фудбалот што ме научи на многу работи, ништо не ме научи. Жртвував излегувања со другарки, кафе дружби, момчиња, фалимијарни собири. Фудбалот ме научи на истрајност, имав големи искушенија“, додава нашата соговорничка.
Пред пет години, несакајќи да се откаже од нејзината љубов – фудбалот, почнала да работи како фудбалски тренер на две генерации момчиња – 2013 и 2015 година. Почнала без никакво искуство, но горда е на тоа што сега го има постигнато. Нејзиниот тим се натпреварува во Детската лига на ФФМ.
„Бев на семинар за УЕФА Ц лиценца во Дојран пред извесно време. Таму учевме буквално се и сешто. Така сфатив дека колку и да знаеме – не знаеме. Пред првиот тренинг, гледав вежби на интернет како можам да работам со тие деца. Знаев дека треба да бидам со став кон нив, затоа што првиот впечаток е најважен. Децата ми ја прават целата желба. Кога не сум расположена, кога ќе ги видам нив, некако ме будат и ме веселат“, низ смеа вели Јанкуловска.
Иако ситуацијата со женскиот фудбал во Македонија и Женската фудбалска репрезентација не е сјајна, Јанкуловска потенцира дека сепак се менуваат нештата кон подобро. Таа верува дека во иднина женскиот фудбал го чекаат позитивни промени.
„Гледам дека нешто се прави во врска со женскиот фудбал. Ме изненади тоа што кога бев на обуката во Дојран, последниот ден имавме кратка презентација каде беше вклучен женскиот фудбал за тоа колку тој напреднал во последните пет години. Во училиштата почнале да го вклучуваат женскиот фудбал како посебен час и да прават женска екипа. Сфатив дека девојките не играле фудбал не од што не сакале, туку од што немале услови. Се уште сме далеку, но добро е што луѓето се будат па така ќе биде подобар фудбалот“, анализира таа.
Фудбалот, најспоредната работа на Стариот континент е вистинска уметност за најжестоките навивачи ширум светот. А каква би била таа уметност, ако всушност не е поврзана со вистинската, ликовната уметност? Нашата соговорничка црта уметнички слики, а понекогаш се изненадува и од своите способности.
„Уметноста ми е хоби, не го гледам како бизнис или работа. Искрено, изненадена сум од моите уметнички способности. Јас како мала цртав на блок и претежно го цртав Тоше Проески. Исто така, ме инспирираше филмот „Џокер“ и сакав да го нацртам. Купив платно и бои. Го нацртав со молив, го обоив и си се крстев од мојата прва слика на платно. Оригинален беше. После тоа добив инспирација од самата себе и почнав да цртам повеќе. За пријатели за роденден, за некоја прослава“, вели таа.
Од уметноста може да се заработува, ни раскажува Јанкуловска, но очигледно е дека оваа професија е многу повеќе ценета во странство.
„Не викам дека сум врвен уметник, но кога би бирала работа, би можела да заработувам од ова. Мислам дека во иднина повеќе би се гледала како уметник, но не би го оставил спортот. Така си го продолжувам животот со самата физичка активност. Фино се заработува, но луѓето не се заинтересирани за уметничка слика кога ќе им ја кажеш цената. Во другите земји се многу ценети уметничките дела. Една слика моја во Италија би чинела 450 евра. Сакам да цртам, но ми треба многу време додека седнам да творам. Кога цртав зебра, цели три години замислував како да го сторам тоа. Емоциите ме водат во уметноста, ме инспирираат животните. Секогаш кога ја завршувам уметничката слика, сакам да оставам убава енергија. Тоа и го кажувам за сликата – да носи позитивна енергија во домот, каде и да стои , на луѓето околу. Која е поентата да нацрташ нешто и само така да го дадеш?“, го заврши разговорот Јанкуловска.
Јорданчо Цветаноски