Силвана Бонева: Вештакот згрешил, повторно ќе ги пресметува поминатите километри!

by fokus

Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, против која беше поднесен обвинителен акт во врска со фискалните сметки кои ги приложувала за надомест на патни трошоци и се товари за незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари, вели дека сепак, вештакот на СЈО направил грешка.
Поради тоа, судијата дал пауза на која тој уште еднаш ќе го пресмета точниот број на поминати километри.

-Вештакот на СЈО призна дека погрешно утврдил помал број на поминати километри со моето возило, што е идентичен со погрешно утврдените километри на СЈО, објавени од обвинителката Фатиме Фетаи 7 месеци пред тој да биде ангажиран како вештак! На денешното рочиште што туку што заврши, се потврди дека вештакот на обвинителството изготвил еднострано вештачење, анализирајќи ги само податоците што му ги дале од СЈО, а воопшто не земајќи ги во вид моите докази, како што се доказите за извор на средства за исплата на станот, доказите за живеење во Струмица, доказите за моето континуирано патување на релација Струмица – Скопје – Струмица, како и доказите за потребата од користење на други две возила кога моето беше на поправка по 9-те сообраќајки или кога не можев да возам заради здравствени причини – појаснува Бонева.

Таа додава дека исто така, било утврдено дека вештакот на СЈО погрешно утврдил помал број на поминати километри со нејзиното возило, и идентично го препишал во вештачењето баш истиот тој број на погрешно утврдени километри од СЈО што бил објавен од обвинителката Фатиме Фетаи 7 месеци пред да биде ангажиран како вештак.

-По мое реагирање, судијата даде пауза за вештакот на СЈО да го пресмета уште еднаш точниот број на поминати километри, по што истиот призна дека направил грешка и погрешно утврдил помал број на поминати километри со моето возило!

Покрај сето тоа, вештакот на СЈО потврди дека од страна на службите на Собранието биле направени технички грешки при пишувањето и прикачувањето на фискалните сметки на патните налози и дека неколкуте фискални сметки што не се совпаѓаат со времето на моето гласање во Собранието, се резултат на нивна ненамерна грешка.

Се потврди и дека патните налози не сум ги пишувала ниту средувала јас, туку собраниските служби, а собраниското книговодство било должно да ги проверува патните налози и да не дозволи исплата на погрешно прикачени фискални сметки.

Оттука произлегува дека обвинението на СЈО дека сум ги измамила собраниските служби во врска со исплаќање на патните налози не е основано.
Исто така, вештакот на СЈО потврди дека нема ништо спорно или незаконски во парите што ги има исплатено Собранието за патарини и не може да се сметат како противправна имотна корист, како што обвинува СЈО – вели поранешната пратеничка.

Минатиот месец за ,,Фокус” таа изјави дека обвинението против неа е невистинито, а политичките неистомисленици и измислувале скандали и криминали кои не ги направила.

Вики Клинчарова

Поврзани новости