Силниот ветер урна покриви во Штип, невремето ги остави без струја жителите на Дебарско

by Фокус

Силниот ветер во Штип направи штета и во попладневните часови. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за МИА изјави дека пожарникарите интервенираа на улицата „Браќа Даневи“ во населбата Автокоманда, каде има урнато дел од кровна конструкција на станбена зграда.

МИА информираше дека од силниот ветар падната е и дел од кровната конструкција на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“. Највисокиот дел од кровот на училиштето заврши на другата страна на објект, кој се наоѓа до самото училиште. За среќа, нема повредени ученици и вработени, ниту уништени автомобили.

Невреме со обилен дожд, ветер и силни електрични празнења вечерва го зафати и Дебарско, оставајќи ги повеќе од еден час без струја жителите од општините Дебар, Центар Жупа и дел од општина Маврово и Ростуше.

„Причина за прекинот беше испадот на 35 киловолтна доводна склопка на регулационен трансформатор во Хидроелектраната ‘Шпилје’. Екипите на ХЕС ‘Црн Дрим’ успешно го решија проблемот за кратко време и покрај лошите временски услови во поширокиот дебарски регион“, велат од ЕСМ за МИА.

Силниот ветер попладнево предизвика штети и во Битола, кои ги санираат екипи на јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и пожарникари од ТППЕ Битола.

Поврзани новости