Претседателските кандидати и денеска на средби со граѓани, трибини и митинзи ја продолжуваат изборната кампања.
Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова, ќе одржи митинзи во Тетово и во Гостивар.
Карванот на коалицијата „Заедно напред“ на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ќе биде на средби со граѓани на Градско, Росоман, Демир Капија, Неготино и Кавадарци. Пендаровски ќе учествува на граѓански трибини во Дом на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско во Пензионерскиот дом во Росоман, во спорстката сала во Демир Капија и во Домот на култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино. Централниот настан е најавен во Кавадарци каде во Домот на култура „Иван Мазов Климе“, ќе се одржи трибина и ќе има обраќања на кандидатот Пендаровски и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
Претседателскиот кандидат Блерим Река, кој доби поддршка од БЕСА и Алијансата на Албанците, за денеска нема најавено настани.
Според најавата од изборните штабови, Сиљановска Давкова ќе се претстави на централен митинг во Скопје претстојниот викенд на 13 април, а ден потоа, на 14 април, централен митинг ќе има и Пендаровски. Река ќе има завршна конвенција на 18 месецов.
Кампањата официјално почна на 1 април, а ќе трае до 19 април по што следува 24-часовен изборен молк пред денот на гласањето на 21 април.