Никогаш нема да одам на преговори, никогаш нема да разговарам за Македонија, никогаш нема да разговарам за Уставот, пред претходно да се договорам со Владата и со Собранието за тоа, рече претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на митинг во Гостивар.
-Во спротивно, вие сте политичка вејка. Па тогаш, тоа што ќе ви го издиктираат, ќе го донесете овде како тројански коњ. А, потоа дури и ќе тврдите дека сте учествувале во неговото креирање. Тоа е неодговорен претседател! Тоа е неодговорен премиер! Тие се восхитени од средбите со странските државници бидејќи не се почитуваат себе си. А не се почитуваат зашто нема што да почитуваат во себе. Ним луѓе со интегритет и дигнитет им пречат – рече Силјановска.
Покрај консултациите со Владата, бидејќи меѓу двете глави мора да има секогаш дијалог, компромис и заедничка политика, додаде таа, треба да се советува и да настапува и пред пратениците.
-Сите парламенти се главни креатори на сите политики, па и на надворешната и на безбедносната политика. Таму треба да оди претседателот. Не само како Дедо Мраз пред Нова година, туку многупати. Многупати, за да праша: Со каква политика, со каква платформа, со каква стратегија да настапиме? Регионална, европска или меѓународна? – истакна Силјановска.