Дали за Артан Груби важи законот за Влада и од каде му е правото да делува како менаџер на „Бехтел и Енка“, повикувајќи ги граѓаните да се вработат во конзорциумот кој ќе му ги гради коридорите 8 и 10, праша пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, за време на денешните собраниски прашања.
– Во член 8 од законот за влада пишува дека таа ќе обезбеди слобода на пазарот и ќе оневозможи монополска положба, па не може вицепремиер да биде менаџер и прашањето ми е од каде му правото да делува како менаџер на „Бехтел и Енка“ – рече Силјановска-Давкова.
Според Груби и ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година правела кампањи за работни места во странските компании, кога во владата беше и ДУИ.
– Во три Влади на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година тогашниот премиер, министер за финансии при секоја инвестиција повикуваа на вработувања во тие компании, тоа беше цела кампања за работни места. Ништо не е различно ниту со Бехтел и Енка кој го финансира државата и овозможува да се отворат над 2.000 работни места. Пола од вас знаете дека е правилно уставните измени да се усвојат, знаете дека нема пенали за Бехтел, а три месеци зборувате за тоа.
Секоја теза која ја произведовте е наметната од партија, како чипувани ја спроведувате тука. Јас сум убеден дека и Ковачевски и Ахмети би сакале да имаат такви пратеници како вас. Очекувам да ми се извините за тоа, оти не знаете што ВМРО-ДПМНЕ правеше со кампањи во „Си-Ен-Ен“ и „Економист“ – обвини Груби.