Силјановска Давкова за вчерашните пратенички маки во собранискиот ресторан: Немам предност да добијам храна и не смеам да седам на големата маса!

by fokus

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен кандидат за претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова, вчера во ек на тензичната ситуација во Собранието, сподели дел од пратеничките ,,маки” со кои се соочила во собранискиот ресторан.

Како што објави на својот профил, таа била вознемирена поради што долго време чекала да биде послужена, не и било дозволено да седне на големата маса, и требало да бара помош од некој министер за да добие храна.

-Во 15 часот, претседателот прогласи еден час пауза. Слеговме во ресторанот. Сеуште чекаме да бидеме послужени во ,,собранискиот” дом. Не ни беше дозволено да седнеме на големата маса, оти била ,, резервирана” за министрите!
Згора, на вратите стојат луѓе кои не се од собраниското обезбедување, што делува вознемирувачки. Ај што бев проверувана два пати, еднаш при влегување, а втор пат пред салата, а згора, немав предност, туку сега, за да добијам храна, треба да барам интервенција од некој министер.

Дури и во ресторанот јас сум Давид, а министрите се Голијат? Дом за бесење на парламентарната демократија! Како сомнително лице се чувствувам ,,дома” – се пожали професорката.

За собранискиот ресторан со ,,багателни” цени во минатото се пишуваше многу. Богатото мени е со цени пониски и од народна менза, па дури и самите пратеници ни имаат изјавено дека се чудат како може да имаат такви поволности, односно да се прејадуваат со комплетно мени за сума од околу 200 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости