Францускиот предлог-верификација на бугарските барања

by Фокус 11:59
11:59

Македонската држава во преговарачкиот процес ќе биде условена со постигнување прогрес во работењето на мешовитата бугарско-македонска експертска комисија за историски и образовни прашања. А со тоа се дозволува бугарските аспирации за политичка интерпретација на историските прашања од т.н. „заедничка историја” да бидат дел од нашите преговори со ЕУ.

Пишува Марјан ЃОРЧЕВ

Животот е чудна работа. Ако доволно долго време стоите на едно исто место, ќе почнете да разбирате дека за да одите напред треба да отидите многу далеку. „Таму далеку” е местото каде што ве влече разумот и срцето, таму каде што вистински припаѓате, како поединци, семејства, народ, држава. Меѓутоа кога конечно ќе ги достигнете посакуваните далечини, почнувате да разбирате дека се враќате назад-повторно сте на почетокот!

Република Македонија по првите премрежни години на одделувањето од Југословенската федерација, почнувајќи од 1995 година-кога првите претставници на Унијата дојдоа во нашата земја, се обидува да ги достигне далечните европски хоризонти.Тогаш и започна нашиот долг марш низ наднационалните институции на Европската Унија.

Јас лично чекорев по тие европски ходници и канцеларии во период 1998-2006 година, како државен службеник- претставник на македонска влада и собраниски пратеник. Како граѓански активист во македонската пан-европска организација, тој пат го продолжив се до 2019 година. Дваесет и една година е доволно, човек да направи сопствени заклучоци, како нас-македонците не гледаат европјаните?! Поважно од тоа е одговорот на прашањето,зошто не гледаат така?!

СЕ ПОЧНА СО ЛИСАБОНСКАТА ДЕКЛАРАЦИЈА НА ЕЕЗ ОД 1992 ГОДИНА

Имав ретки можности да ги слушам што се вели “од прв ред”, европските челници-Ана Линд, Солана, Рен, Баросо, Јункер…но и политичките лидери на земјите-членки на Унијата-Меркел, Макрон, Руте, Пленковиќ, Орбан. Мојот извод е следен. Тие луѓе си ја вршат својата работа, независно дали се во наднационалните европски тела или се на државна функција во своите земји.

Едноставно, луѓето си ги гледаат своите политички интереси и кариери. Следат некоја зацртана европска траекторија, уште од Лисабонската декларација на ЕЕЗ во 1992 година во којашто се наведува дека Република Македонија безусловно мора да го промени своето име! Грција ја фрли снежната топка, која што европјаните ја претворија во лавина што ги негира сите македонски државнички атрибути.

Но,тоа ќе немаше никакво значење за нас ако ние самите не се исплашивме и веднаш потклекнавме пред неевропските и нецивилизациски барања за промена на нашето уставно име?! Во тој темен период од македонската современа историја европските политичари будно го следеа македонскиот нихилистички став за вековноста и древноста на историско-географскиот регион Македонија и македонското население чиј што цивилизациски вектор креирал милениумски културолошки амалгам со поимот Македонија и етнонимот Македонец.

Тој културолошки амалгам е формулата за наше себеосознавање низ вековите, наше себепотврдување како Македонци, независно каков историски државнички облик-свој или туѓ преовладувал на македонскиот простор. „Земјата го препознава житото” a закласаните класови лебно жито што се разлева како зребро под налетите на ветрот по долините на сите македонски реки што се вливаат во Белото море-Вардар, Бистрица, Струма, Места,природно го говорат македонскиот јазик и ни објаснуваат кој е нашиот род, традиција, легенди митови,песни…

Ние сме дел од една голема неолитска, античка, библиска, средновековна и современа култура на Македонија. Културата е нашето најсилно оружје, најголемиот доказ за нашето постоење, за нашето минато, денешнина и нашето утре!

НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА ПРЕГОВАРА ЗА ИМЕ,ЈАЗИК,ИСТОРИЈА И КУЛТУРА

Токму затоа прапочетокот на нашите денешни премрежија е нашата согласност да преговараме за нешто, што не може воопшто да биде предмет на преговори?! Сите досегашни преговори за името, знамето, јазикот и идентитетот, почнувајќи од 1993 година па се до денес, се водат обвиени со „вел на тајност”. Зошто е тоа така?!

Затоа што сите македонски политичари коишто се нагрбиле со товарот да ги спроведат замислите на одделни европски и атлантски лидери за тоа како треба да се нарекува Македонија и какво уредување треба да има добро знаат дека македонскиот народ нема да го даде својот глас за промена на основните национални и државни обележја. Македонците немаат друга држава, а да ја раздаваат како нафора на гробишта и да тргуваат со најскапоцените македонски вредности-име, јазик, култура, историја!!

Впрочем, единствениот референдум по осми септември 1991 година (кога македонскиот народ со огромно мнозинство избра да живее во независна, суверена Република Македонија) одржан на 30 септември 2018 година, беше неуспешен. Па како е можно тогаш, без подршка од мнозинството на македонски граѓани, владата и собранието да донесат одлука дека се менува името на државата?!

Со само 610.000 (шестотини и десет илјади граѓани) околу една третина од вкупниот број македонски граѓани со право на глас,се промени нашето уставно име!! Јасно треба да се нагласи-за важечки референдум потребно е да гласаат 50 отсто од вкупно запишаните граѓани со право на глас + 1 глас.

И се знае дека согласно Уставот на Р.Македонија секој референдум е задолжителен, освен во случај кога однапред се квалификува како консултативен. Во конкретниот случај,”еx post” изјавите на домашните политички функционери и странски амбасадори дека референдумот е само консултативен, беше само неуспешен параван за назаконска промена на името на државата!

Тоа беше преседан којшто допрва во годините што следат ќе биде предмет на уставна дебата. Уставниот суд ќе мора еднаш да се произнесе за валидноста на тој чин-да се промени името на државата,с противно на волјата на македонските граѓани. Следствено на тоа одлуката за промена на името е противуставна и ништовна! Сосема е извесно дека нашето име и понатаму треба да биде РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Досега сите постапки со кои се обезличуваше македонската држава, поминаа некако бегло и без разјаснување, кој, како и зошто го потпишал и верифицирал чинот на откажување од државните симболи без дозвола од македонските граѓани. Вообичаени инструменти за кршење на р’бетот на сите Македонци, коишто имаа смелост да го проблематизираат тој вид на штетно недржавничко однесување беа изјавите на претставниците на квинтата (петте највијателни амбасади во земјата) монтираните судски процеси и заплашувања од безбедносните и полициски структури, во време на владеење на оделни политички номенклатури.

ПОСЛЕДНИОТ УДАР ВРЗ МАКЕДОНСКИТЕ НАЦИОНАЛНИ И ДРЖАВНИ ИНТЕРЕСИ

Овојпат со онаа што изминатите десетина денови се случува јасно е дека конечно се рушат темелите на АСНОМ-ска Македонија. Не се важни веќе изјавите на европските великодостојници ниту нивните посети на највисоко ниво-Шарл Мишел и Урсула Фон дер Лајен. Поважно од тоа е нешто друго. Тоа што се кријат основните документи коишто се репер за носење собраниска одлука. На што личи целата оваа фарса од собраниска расправакаде што наместо сите документи содржани во францускиот предлог се поднесува штура информација со предлог-заклучоци со кои се прифаќа или се одбива тој предлог?!

Логично е човек да се запраша зошто во собранието не е поднесен протоколот од втората меѓувладина конференција на македонската и бугарската влада. Што содржи тој протокол за кој македонските граѓани дознаа од бугарски портали и од објавени документи од бугарското собрание?! Зошто не е поднесена во собранието преговарачката рамка и изјавата на ЕУ за преговарачкиот процес, што е интегрален дел на рамката?!

Врз основа на какви собраниски материјали пратениците ќе донесат одлука за (не)прифаќање на францускиот предлог. За какви предлог-заклучоци собранието ќе гласа?! Тоа се прашања за кои за жал актуелната владина и собраниска коалиција немаат одговор затоа што знаат каков преседан се прави!

Зошто тогаш сета оваа политичка драма?! Затоа што во член 5 од рамката децидно се наведува дека покрај Копенхашките критериуми и одредбите од Процесот на стабилизација и асоцијација, во делот на регионалната соработка и добрососедските односи, од пресудно значење за наш прогрес во преговарачкиот процес ќе има почитување на одредбите од билатералните договори со Грција и Бугарија. Тоа значи дека за прв пат во историјата на преговарачкиот процес за пристапување кон Унијата билатералните договори се вградуваат како интегрален дел на рамката.

На таков начин успехот на македонската држава во преговарачкиот процес ќе биде условен со постигнување прогрес во работењето на мешовитата бугарско-македонска експертска комисија за историски и образовни прашања. А со тоа се дозволува бугарските аспирации за политичка интерпретација на историските прашања од т.н.р. „заедничка историја” да бидат дел од нашите преговори со Унијата.

Еве еден пример за тоа. Ако Р.Македонија одбие да постави обележје на Самуиловата тврдина во Охрид,к оешто објаснува дека цар Самуил е бугарски цар, Р.Бугарија ќе има право да стави вето на нашите преговори за полноправно членство во Унијата независно за кој кластер преговараме. Иронијата да биде уште поголема со усвојување на францускиот предлог ќе и биде дозволено на Р.Бугарија да стави вето и ако во нашите учебници по историја не го напишеме тоа што од нас го бараат бугарите. Истото ќе не очекува ако не го потпишеме протоколот,односно годишниот предлог и мерки со кои ни се одредува кои задачи треба да ги исполниме како обврска од Договорот за пријателство со Бугарија.

Македонските граѓани треба да знаат дека со францускиот предлог секое наше одбивање на бугарските барања за пренапишување на македонската историја, корекција (по бугарски историски терк) на учебните помагала, информатичките брошури во музеите и натписи на спомениците ќе биде толкувано од бугарска страна како повреда на преговарачкиот процес, а се разбира логична последица ќе биде ново бугарско вето. Убеден сум дека не е далеку денот кога и македонскиот фолклор, музика и ритам ќе бидат предмет на бугарско оспорување.

На тој начин не само што се проблематизира автентичната македонска историја и култура туку и се наметнува туѓ, немакедонски образовен процес. Поради овие причини македонската влада не се осмелува транспарентно да ги обелодени преговарачката рамка и протоколот во собранието знаејќи дека францускиот предлог е понижувачки и недостоен за да биде прифатен!

Што се однесува до празните зборови на владините функционери дека македонскиот јазик е „зацементиран” во преговарачката рамка тоа е уште една провидна политичка манипулација. Во ниту еден текст од рамката не се зборува за македонскиот јазик. Само во изјавата на Унијата за преговарачкиот процес, што е интегрален дел од рамката, во член 3 се наведува дека преводот на европскиот закон(Акито) ќе биде на македонски. Тоа е само работна верзија затоа што и досега над 1.200 документи од нашиот пристапен процес што се одвива на база на Спогодбата за стабилизација и асоцијација се преведени на македонски јазик.

Меѓутоа, новите кластери во преговарачката рамка не го содржат досегашното поглавје 34 во кое се наведуваат „официјалните јазици” на Унијата. Така што се додека Р.Македонија не ги отвори и затвори сите кластери согласно новата методологија се дотогаш македонскиот јазик нема да биде утврден како официјален јазик на Унијата. А дали ќе биде така во услови на постоење на еднострана изјава од бугарска страна која што сигурно ќе ја негира самостојноста на македонскиот јазик никој не може да предвиди ниту пак да даде гаранции согласно францускиот предлог!

ЗАКЛУЧОК

Нам ни преостанува само едно. Гордо, достоинствено и со јасна порака до Бугарија и Унијата, треба да се повикаме на европските стандарди. Нема да прифатиме двојни стандарди, мимикрија со демократски вредности и лажни ветувања од било кои европски челници, без писмени гаранции. Францускиот предлог мора да биде одбиен, не само заради сето што беше наведено во овој текст, туку затоа што тоа не го сакаат македонските граѓани. Само ним им припаѓа суверенитетот на македонската држава. И само тие имаат право да решаваат за своето минато, денешнина и иднина!

Поврзани новости