Новиот претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова положи заклетва во македонското Собрание.
„Моите зборови се во битка со емоциите, признавам. Не можев да замислам дека ваква доверба ќе добијам, се уште не ми се верува. Единствениот човек кој тврдеше дека ќе се случи тоа е господинот Христијан Мицкоски, а јас одговарав дека не е можно. Ги знаете моите тези, само ќе ги повторам. Сакам да им се обратам на жените. Ќе ги заборавам лошите моменти, ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани, нема да правам разлика. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови, тие се најголемата обврска што сум ја имала во животот.
Време е за единство, затоа реков дека ќе им се обратам на жените. Ние умееме да се грижиме за сите останати, не само за себе. Среќна сум што деновиве првите честитки дојдоа од жени. Роденденот нема да верувате, го поминав со амбасадорката на САД. Првите честитки дојдоа од Дорис Пак, од моите колешки од сите континенти и од сите области.
Во ова Собрание јас ќе се обидам да укажам дека не мора да дојде до вето. Среќна сум што ќе инспирирам други жени. На Западен Балкан се уште е жив патријархатот, затоа мислам дека силните жени на поинаков начин може да ги решаваат проблемите. Дека сум во право покажува и тоа што оваа држава не ја бранеле само комитите, туку и комитките, и партизанките. Многу храбри и умни жени сум видела во овој Парламент.
Јас ќе го пробивам патот, и од лево, и среде и десно гледам многу умни, посветени жени, кои ќе ги носам и во умот и во срцето.
Политиката најчесто беше уметност на можното. Не немаше на врвните функции, ние може да ја развиваме политиката како умешност на можното.
Зад успешни жени стојат прекрасни мажи, како мојот сопруг. Тој прифати животот да ни биде натпревар. За време на кампањата доживеав да ми биде укажана доверба од човек кој не го познавав од порано. Довербата е многу важна, и јас ќе ја оправдам. Не заради долг кон партија, затоа што добив шанса да бидам опкружена со многу жени“ порача новиот претседател на државата – Гордана Силјановска Давкова.