Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на средбата со шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, порача дека иднината на земјава несомнено е во ЕУ, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности.
Претседателката посочи на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето на политички и општествен консензус по однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел да се избегне неговата злоупотреба, што беше нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.
Во тој контекст, таа посочи на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми.