Силјановска-Давкова: Да не дозволиме од Македонија да прават Франкенштајн

by Fokus

Што е она што го прави специфичен овој натрпревар со седум кандидати, праша на почетокот на својот говор на митингот во Делчево, претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Тоа според неа е баукот на незнаењето, примитивизмот, неодговорноста, јавашлукот, непочитувањето на националните и државните интереси кое, како што рече кружи низ Македонија.

„И баукот на нарцизмот, самобендисани луѓе, нарциси не градат единство, туку предизвикуваат поделби и раздор и постојано тврдат јас, па јас. Нарцисите во политиката не се плодни. Имајте го тоа во предвид“, порача таа.

Според неа, потребно е да се стави крај на сопствеништвото на Македонија, на државата, на институцијата, посочи и дека мора да се депривитизара политиката од ликови кои ја употребуваат за сопствени цели.

„Институциите се државна сопственост, не можете да ги користите во политички цели. Не можете да снимате спотови во институциите и да славите родендени во институциите, не можете да ги фамилијаризирате институциите“, рече Силјановска.

Забележала одејќи накај Делчево дека на еден билборд како двајца кандидати од СДСМ се запишани под бројот еден.

„Невозможно е и Спасовски и Битиќи да бидат 1. Тоа е непознат феномен. Аман од нивните импровизации. Секоја листа има по 20 кандидати. Невозможно е тогаш 1 да биде 2 и 2 да биде 1. Тоа се Франкенштајн комбинации. Да не дозволуваме од Македонија да прават Франкенштајн. Нека стане Македонија пристојно место, слично на европските. Тие се непристојни. Треба да си одат“, рече Силјановска.

 

 

Поврзани новости