Безбедносната состојба во земјата е стабилна и под контрола и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми, соопшти претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, по седница на Советот за безбедност која траеше два и пол часа.
„Главно се говореше за состојбата во регионот, на она што се случува во Босна и Херцеговина каде што честопати слушаме сецесионистичка реторика, понатаму политичката состојба на Косово, како што знаете, една институционална криза заради неможноста да се конституираат органите и се разбира, состојбата во соседна Србија, каде што исто така има низа сериозни проблеми. Меѓутоа, реков од аргументите, од податоците, заклучокот е дека сепак и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба“, рече претседателката.
Таа додаде дека во поглед на она што се случува на Блискиот Исток, неподелени биле ставовите за потребата од мир.
„Јас тука не можам да кажам дека имаме сигурни гаранции за тоа, бидејќи, како што знаете, преговорите се во тек, па се прекинуваат. Честопати јас самата велам дека очекував поангажирана, поактивна организација на Обединетите Нации, која што, за жал, е маргинализирана“, рече Сиљановска – Давкова.
Што се однесува до пожарите рече дека е загрижувачко што поголем не се заради високите температури, туку дека има основано сомнение дека се намерно предизвикани. Меѓутоа, се разбира, додаде таа, се додека се работи за предистражна постапка, тоа се само претпоставки.
Кога е во прашање состојбата со евроинтеграцијата, Сиљановска – Давкова, рече дека основниот заклучок е дека имаме реформска агенда и имаме план за развој.
„Треба да се држиме до она што е најважно, до Копенхагенските критериуми и најпрво она што е основен тест за сите – тоа е владеењето на правото. Се укажа на пакетот закони, изработен од страна на Министерството за правда, што се однесуваат на Јавното обвинителство, на Судскиот совет, на платите на јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и така натаму“, рече таа.