Зошто се кандидирав повторно? Тоа го сторив од повеќе причини. Прво, поминав за време на овие четири години низ школата на демократијата како велат Англичаните за Парламентот. Мислам дека многу работи сменив, покажав таму дека пратеникот може да ги претставува граѓаните и да гласа по сопствено уверување“, истакна Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
,,Времето што го живееме е поинакво од 2019-та година. Се покажа дека во политиката влегле или на функции се нашле луѓе кои не можеле да ги антиципираат процесите, односите и настаните. Тоа се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ, и нема да има никаков проблем. И страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат“, заклучи таа говорејќи дека власта и нанесе голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија, и тоа е една од причините зошто се кандидира пак за претседател на Македонија.
Силјановска Давкова додаде дека таа во саботата говорот го започна и го заврши со повик за единство, со повик за натпартиско однесување, со повик на заборавање на разликите што се остри кога се работи за државни и за национални интереси, со повик до граѓаните како индивидуи, а некако војници, членови, симпатизери на партии.
Таа укажа дека власта наместо да пласира идеи, проекти, планови, таа ја троши енергијата во ветар, во навреди и негации.
Во текот на интервјуто таа се осврна на хаосот со патните исправи кој го создаде власта. Силјановска Давкова рече дека со оваа одлука на власта се кршат човековите права. Власта ги произведе овие проблеми.
„Проблемите со кои што се соочуваат ги произведе власта. Не ги произведе опозицијата овие проблеми, ниту пак граѓаните. Од власта ги произведоа проблемите. Тој што се нафатил за пет години, а заборавил дека десет години важат документите. Тој кој што заборавил и дека таму има и за внатрешна употреба, таму во поглавјата, а ниту едно поглавје не сме отвориле. Значи тој треба да го реши проблемот“, нагласи таа.
Таа посочи дека сака да разговара со кандидат за проекти, планови и граѓаните да судат по тоа и по тоа да гласаат.
„Каков претседател сте вие, какви национални државни интереси браните ако велите за сите важат, а особено за нас пресудите од Стразбур, но не важат за другите. Сите држави, сите народи имаат малцинства што е логично во соседството, ама ние ќе се откажеме од нашето, ќе заборавиме на пописите во Бугарија, ќе заборавиме на училиштата во Бугарија, ќе заборавиме на библиотеките и на театрите во Бугарија за Македонците. Ама тоа што не важи за над 180.000 луѓе по пописите во Бугарија, што се случи, важи за 1.500 луѓе кои се декларирале Бугари, а кои според нашиот Устав се целосно заштитени. Нашиот Устав има цел еден дел за заштита на правата на малцинствата“, појасни Силјановска Давкова говорејќи за апсурдите кои што се случуваат поради оној договор со Бугарија, а сегашниот претседател на државата ги одобрува.