Силјан Мицевски и Сеад Кочан за четири години кеширале 160 милиони евра од РЕК „Битола“!

by fokus

Текстот е објавен на осми септември 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1092

„Електрани на Македонија“, акционерско друштво во државна сопственост, е убедливо најголемиот потрошувач на јавни пари, и тоа за потребите на најголемиот произведувач на струја во земјава – РЕК „Битола“. Највисоките тендери ги добиваат компании што се споменуваат и во една од „бомбите“ на Заев, во која Груевски и ексдиректорот на ЕЛЕМ, Чингоски, говорат како преку тендери за ископ на јаглен да им се удоволи на компании битни за власта. Меѓу нив опозицијата ги препозна Силјан Мицевски, Сеад Кочан и Горан Иванов. Според податоците од Бирото за јавни набавки, за четири години, ГП „Пелистер“ на Силјан Мицевски заработила близу 110 милиони евра од шест тендери со АД „ЕЛЕМ“, а „Трансмет“ на Сеад Кочан“, пак, кеширала околу 55 милиони евра од два тендера со РЕК Битола!

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Продажбата на Електростопанство на Македонија во 2005 година практично означи реструктуирање на овој сектор во земјава, така што австриската ЕВН започна да се занимава со дистрибуција на електрична енергија до крајните потрошувачи, додека се формираа две нови акционерски друштва во државна сопственост. Еднo од нив е МЕПСО (Македонски електропреносен систем оператор), коe се занимава со пренос на електрична енергија низ високонапонска мрежа, а другата е ЕЛЕМ (Електрани на Македонија), чија задача е производство на електричната енергија.

Во рамките на ЕЛЕМ функционираат 7 подружници преку кои се опфатени хидроенергетските системи, но и двата рударско-енергетски комбинати – РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“. Од особено значење е РЕК „Битола“, кој, меѓудругото, е стожерно позициониран во електроенергетскиот систем во земјава, со оглед дека овој комбинат учествува со над две третини во вкупното домашно производство на електрична енергија.

Додека ЕЛЕМ, токму за потребите на РЕК „Битола“, троши милионски средства за обезбедување и снабдување со јаглен, како основен ресурс со кој се произведува електричната енергија, но и за модернизација на системот со цел зголемување на неговиот капацитет, овој рударско-енергетски комбинат со текот на годините произведува се помалку струја. Како резултат на тоа, задоволувањето на потребите за снабдување со струја оди преку увоз од страна на лиценцираните трговци, кои, за волја на вистината, тргуваат со многу повисоки цени во споредба со оние во соседството.

Во исчекување да се комплетира либерализацијата на пазарот со електрична енергија, приматот во снабдувањето го држи ЕВН, имајќи предвид дека испорачува енергија на потрошувачи поврзани со над 500.000 броила, а околу 150.000 потрошувачи, главно големи индустриски капацитети, имаат можност да набавуваат струја на слободен пазар.

НАЈГОЛЕМ ПОТРОШУВАЧ НА ТЕНДЕРИ

Покрај производството на струја, друга работа што го издвојува АД „Електрани на Македонија“ е фактот дека е најголем потрошувач на државни пари и истовремено ги спроведува највисоките договори за јавни набавки. Имено, платформата на јавни набавки „Опенпрокјурмент“ (Оpenprocurement), изготвена од неколку невладини организации поддржани од фондацијата Метаморфозис, го исфрла ЕЛЕМ на првото место во конкуренција на сите државни институции и органи според потрошените јавни пари на тендери.

Поточно, според оваа база на обработени јавни набавки, акционерското друштво во државна сопственост во последните 12 месеци потрошило околу 25 милиони евра, што претставува повеќе од една третина од вкупно потрошените пари по пат на склучени договори за јавна набавка. Притоа, разликата меѓу ЕЛЕМ како прворангиран и Министерството за образование и Град Скопје како второрангиран, односно треторангиран потрошувач, е 3 наспрема 1, со оглед дека тие учествувале со нецели 10 отсто во вкупно потрошените јавни пари.

Анализирајќи ги стоте најголеми тендери во периодот од 2010 до 2014 година, Центарот за граѓански комуникации утврдил дека овие договори се склучени меѓу 33 државни институции и 60 компании за вкупна сума од над 930 милиони евра, а ЕЛЕМ предничи на листата со вкупно склучени 26 договори во износ од 384 милиони евра. Згора на тоа, токму ова друштво ги спровело четирите највисоки тендери и вкупно петте од десетте најголеми тендери во државава во посочениот период.

Инаку, друштвото за производство на електрична енергија е спроведувач на најголемиот тендер од 104 милиони евра, но уште 4 тендери во оние топ 10 му се припишуваат на комбинатот. Станува збор за четири тендери во износ од 53 милиони, 47 милиони, 38 милиони и 19 милиони евра, или, сосе оној водечкиот од 104 милиони евра, вкупно 261 милиони евра. Колку за споредба, само 81 милиони евра чинат останатите 5 меѓу првите 10 највисоки тендери во четиригодишниот период.

МИЛИОНСКИ СУМИ ЗА ЕДНИ ИСТИ КОМПАНИИ

Највисокиот договор на ЕЛЕМ, кој впрочем е најголем тендер воопшто, склучен во 2011 година на период од 3 години со германската компанија  „Бабкок Борсинг Штајнмилер“ (Babcock Borsing Steinmuller) во вредност од 104 милиони евра, се однесува за модернизација на котли во термоелектраната во Битола. Оваа термоелектрана, во која функционираат три блока, е една од двете производствени единици во рамките на РЕК „Битола“, покрај ПЕ „Рудници“, во чии рамки пак се рудниците од каде се ископува главно јаглен („Суводол“ и „Брод Гнеотино“).

Понатаму, вториот по тежина договор на ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Брод-Гнеотино е склучен во 2012 година за сума од 53 милиони евра за ангажман на работници и градежна механизација од битолската компанија „Пелистер“ во сопственост на Силјан Мицевски, поранешен градоначалник на Битола во времето на аферата „ТАТ“ и почесен конзул на Република Србија во Македонија.

Ништо поразлично не е ниту со третиот договор во висина од 47 милиони евра, склучен во 2014 година за периодот до 2016 година со истата компанија, врз основа на што се ангажирани од 450 до 550 работници и опрема за ископ на 3,9 милиони тони јаглен, кој потоа се транспортира на растојание од 2,5 – 3 километри.

Дополнително, четвртиот договор од 38 милиони евра, кој, исто така, се однесува за ископ на јаглен и јаловина од рудникот „Суводол“, со дотур на дробен јаглен на транспортерот во состав на системот за јаглен со дисконтинуирана технологија, е склучен во 2013 година, на 36 месеци, со скопската фирма „Трансмет“ во сопственост на Сеад Кочан, бизнис олигарх близок до Фамилијата и сопственик на владината ТВ Нова. Петтиот највисок договор на ЕЛЕМ и седмиот највисок договор генерално, пак, од 19 милиони евра е склучен со истата компанија, и овојпат за ископ на јаглен и јаловина од рудникот „Суводол“, но тој е склучен на почетокот на 2012 година со времетраење од 24 месеци.

Меѓу добитниците на останатите 21 тендери на ЕЛЕМ во конкуренција на стоте топ тендери, повторно се сретнува битолската „Пелистер“, која во 2014 година склучила договор од над 5,7 милиони евра за помошна механизација на РЕК „Битола“ и уште еден истата година од 3,2 милиони евра за ископ на јаловина во „Суводол“. Исто така, меѓу фирмите што добиле тендери трипати се сретнува „Марковски Компани“: во 2012 година со 7,4 милиони евра за ангажирање градежна механизација; во 2013 година со 14,4 милиони евра за користење помошна механизација и во 2014 година со 5 милиони евра за ископ на јаловина во „Суводол“.

СИТЕ ДА ВЛЕЗАТ ВО ИГРА И ДА БИДАТ ЗАДОВОЛНИ“

Повеќе од очигледно е дека ЕЛЕМ троши најмногу пари на тендери за потребите на РЕК „Битола“, од кои најмногу профитираат неколку добро познати компании блиски до власта. Гледано од аспект на носителите на набавките, во листата на 100 најголеми според вредноста на тендерите на врвот е токму битолската градежна компанија „Пелистер“, која има склучено четири договори во вкупна вредност од околу 110 милиони евра. Притоа, оваа фирма, заедно со „Марковски Компани“, се единствените кои сите договори за јавни набавки од „Топ 100“ ги имаат склучено со ист набавувач – АД ЕЛЕМ, додека „Трансмет“ има склучувано договори и со други државни институции, работи на автопатите финансирани со кинеските кредити и користела државни субвенции за чистење на каналите.

Токму милионските тендери беа дел и од објавените политички „бомби“ од страна на опозицијата. Во еден од разговорите што ги објави Зоран Заев, кој, според него, се водел помеѓу експремиерот Никола Груевски и поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ Влатко Чингоски, се говори за зделки што друштвото треба да ги склучи со приватни компании. Така, Груевски му сугерира на Чингоски да им „помогне“ и да им „заврши работа“ на „кратовчанецот“, на „битолчанецот“, на „Горан“, на „оној што вози Сеад Ибица“, бидејќи, како што вели, многу им се битни, па треба сите да влезат во игра и сите да бидат задоволни.

Од друга страна, пак, од зборовите на Чингоски може да се разбере дека станува збор за тендери за ископ на јаглен, кои се многу габаритни, па затоа и самиот посочува оти компаниите мора да ги здружат силите преку некаков конзорциум, бидејќи самостојно нема да може да „добијат работа“. Во еден друг разговор помеѓу Чингоски и еден од сопствениците и управител на „Пелистер“, Силјан Мицевски, се говори како вработените во компанијата што инкасирала најмногу пари од ЕЛЕМ треба да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, или во спротивно ќе останат без работа.

Во тој контекст, и пратеникот на СДСМ од Битола, Васко Ковачевски, кон крајот на минатата година постави пратеничко прашање до тогашниот премиер Груевски дали директно или на било кој друг начин тој извршил влијание или притисок за фаворизирање на одредени фирми да добијат тендери преку АД ЕЛЕМ за работа во РЕК „Битола“? Повикувајќи се на „бомбите“, Ковачевски го праша Груевски дали Сеад Ибица е Сеад Кочан, сопственик на фирмата „Трансмет“, дали „кратовчанецот“ е Горан Иванов или Љубисав Иванов – Ѕинго, сопствениците на „Силекс“ и „Сител телевизија“ и дали битолчанецот е Силјан Мицевски – Циле, сопственикот на ГП „Пелистер“ итн.?

ДОГОВОРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

Сите овие компании добивале тендери, при што оние на „Пелистер“ на Мицевски и „Трансмет“ на Кочан се наоѓаат меѓу првите 10 највисоки тендери во последниот период. Според информациите што ги поседуваме, на дел од тендерите, овие две компании настапиле и заеднички, додека „Силекс“ се јавувал како подизведувач, а од прегледот на податоците објавени од Бирото за јавни набавки јасно произлегува дека овие фирми биле избирани од страна на ЕЛЕМ во конкуренција на неколку понуди и често биле ангажирани без објавување јавен оглас.

Така, веќе споменатиот тендер во 2014 година од речиси 48 милиони евра го добила „Пелистер“ во конкуренција на уште две компании, исполнувајќи го критериумот најниска цена. Овој тендер за ископ на јаглен и јаловина од рудникот „Брод – Гнеотино“ бил поделен на три дела, односно на три лота – откопно поле А, откопно поле Б и транспорт на дробен јаглен. Сепак, во договорот меѓу АД ЕЛЕМ и „Пелистер“до кој дојдовме се наведува дека оваа компанија е носител на Групата на понудувачи, што значи дека во оваа група влегле и други фирми, кои имале бенефит од зделката.

Притоа, АД ЕЛЕМ има склучено уште неколку договори со „Пелистер“ во вкупна вредност од над 56 милиони евра, меѓу кои три во постапка со преговарање без претходно објавување јавен оглас, од кои најголем е оној за помошна механизација во износ од 5,7 милиони евра. Договорниот орган ја оправдува ваквата постапка со „причини од крајна итност предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропусти и не може да се примени рокот за објавување на отворена постапка, ограничена постапка, постапка со барање за прибирање на понуди или постапка со преговарање со претходно објавување на оглас“.

Уште еден споменат тендер што го добила „Трансмет“ од 38 милиони евра за ископ на јаглен и јаловина во рудникот „Суводол“, е склучен со преговарање без јавен оглас, со образложение дека постои таква можност во „исклучителни случаи кога природата на работите, стоките или услугите или ризиците кои произлегуваат од тоа не дозволуваат претходно одредување на вредноста на договорот“. Индикативно е тоа што ЕЛЕМ склучил уште 5 договори за јавна набавка со „Трансмет“, од кои 3 не се во отворена постапка, туку по пат на преговарање без јавен оглас. Се на се, оваа компанија добила околу 42 милиони евра само од ЕЛЕМ.

ЗАСТОИ ВО РАБОТАТА

На сите потрошени пари од ЕЛЕМ за потребите на РЕК „Битола“, кои се движат од 120 до 150 милиони евра годишно само за ангажирање компании за ископ и транспорт на јаглен, никако да престанат обвинувањата за проблеми при работата на комбинатот. Така беше и последниот период, кога опозицијата обвинуваше за застој на работата во комбинатот, а во еден момент дури откажале и трите блока истовремено, што е вистински куриозитет. Од РЕК „Битола“, пак, реагираа дека не се работи за никаков хаос, туку единствено откажале одредени делови од системот привремено, ама тие брзо се враќаат под контрола, а одреден капацитет на комбинатот намерно бил ставен во мирување поради искористување на водниот потенцијал преку хидроцентралите, кој, за разлика од јагленот, е обновлив извор на енергија.

Што велат официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика? Генерално, домашното производство на електрична енергија од страна на АД ЕЛЕМ со целиот рударско-енергетски, но и хидро-потенцијал, од 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, бележи континуиран пад. Така, ако во 2006 година ЕЛЕМ произвел 6.195 гигават часови, во 2015 година произвел 4.651 гигават часови, што е за 1.544 гигават часови помалку. Од година во година падот е континуиран, со тоа што единствено исклучок се 2009 и 2010 година, кога биле произведени 5.886, односно 6.462 гигават часови, но тоа не е резултат на хиперпродукција на рударско-енергетските комбинати, туку на зголемено искористување на хидро-потенцијалот.

Рударско-енергетските комбинати, во прв ред РЕК „Битола“, рекордно производство на струја оствариле во 2005 година, кога се произведени 5.007 гигават часови. Арно ама, во 2006 година производството паѓа на 4.691, од кога бележи постојан пад се до 2015 година, кога се регистрирани рекордно ниски 3.138 гигават часови. Ваквите трендови, според кои производството на електрична енергија е намалено за 25 проценти, доаѓаат во време кога постојано растат инвестициите во ЕЛЕМ, така што вкупната бројка оди над половина милијарда евра. Тоа го наметнува прашањето за целта, оправданоста и економската логика на инвестициите.

Од друга страна, како се намалува домашното производство, така се зголемува увозот на струја, кој, доколку своевремено се движел од 10 до 15 отсто од вкупно потрошената електрична енергија, денес оди до фрапантни 40 проценти. Изразено во бројки, во предизборните 2004 и 2005 година, увозот на струја изнесувал 1.598, односно 1.652 гигават часови, додека во пресвртната 2006 година скокнал на 1.958 гигават часови. Увозот главно расте од година во година се до 2015 година, кога изнесува 2.785 гигават часови, со исклучок на веќе споменатите 2009 и 2010 година, кога е 1.701, односно 1.728 гигават часови, поради зголемувањето на домашното производство како резултат на хидроелектраните, кои тогаш произведуваат рекордни 2.184 гигават часови.

ФИКТИВЕН РАСТ, РЕАЛНА ДЕМОГРАФСКА КАТАСТРОФА

Од сето ова произлегува дека освен што милионските суми инвестирани во модернизација на системот на домашното производство на струја се бадијала потрошени, бидејќи домашното производство всушност опаѓа, годишно се трошат околу 300 милиони евра за увоз на струја!

Има многу лиценцирани компании за трговија на струја, но неколку од нив доминираат во бизнисот. Меѓу нив има реномирани компании од соседните држави, силни домашни компании, но и сомнителни офшор фирми.

На крајот, да резимираме дека во период кога се намалува домашното производство и се зголемува увозот на струја, опаѓа вкупната потрошувачка на електрична енергија. Низ годините, од 2003 до 2008 година се бележи константен раст на потрошувачката, која од 7.216 се качува до 8.687 гигават часови, меѓутоа во 2009 година паѓа на 7.684, за во 2015 година да дојде на 7.438 гигават часови. Ако се знае дека потрошувачката на струја е тесно поврзана со економскиот раст и дека не постои култура за нејзино штедење, тогаш ова може да значи дека растот на БДП е нереален, или, пак, нема кој да троши струја, бидејќи се повеќе луѓе се иселуваат од земјава. Сепак, луѓето што живеат и компаниите што работат тука го прават овој бизнис доста лукративен. А очигледно е дека од тоа профитираат луѓето блиски до владеjачката партија.

СЈО не открива дали ги испитува тендерите на РЕК „Битола“
ПРЕДИСТРАЖНИТЕ ПОСТАПКИ СЕ ТАЈНИ

Од Специјалното јавно обвинителство, ниту потврдуваат, ниту демантираат дали отвориле предмет за јавните набавки спроведувани меѓу ЕЛЕМ и неколку приватни компании споменати во разговорите од опозициските „бомби“.

Во насока на тајноста на предистражните постапки не сме во можност да ви ги обезбедиме бараните податоци“, ни изјавија од СЈО.

АД ЕЛЕМ тврди
ЈАВНИТЕ НАБАВКИ СЕ СПРОВЕДУВААТ ЗАКОНСКИ

АД ЕЛЕМ сите постапки за јавни набавки, без оглед на нивната вредност, ги спроведува јавно и транспарентно согласно позитивните законски одредби на РМ, а особено согласно Законот за јавни набавки, велат од АД ЕЛЕМ.

РЕК Битола работи со планираниот капацитет за овој период од годината. Планот за производство на електрична енергија во месец август РЕК Битола го реализира во целост додека за осумте месеци од годинава планот за производство на електрична енергија е реализиран со 98 проценти. Сите испади настанати во РЕК Битола се надополнети од останатите производни капацитети на АД ЕЛЕМ, при што би сакале да истакнеме дека поради овие испади не е настанат дополнителен увоз на електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи“, велат од АД ЕЛЕМ.

Од таму додаваат дека во моментот се работи со два енергетски блока на мрежа – Битола 2 и Битола 3, на кои целосно се извршени ремонтите во летниот период, додека еден енергетски блок Битола 1 е исклучен заради отпочнување со редовните ремонтни активности, вообичаени за овој период од годината како подготовка на термоелектраните за работа во грејната сезона.

„Фокус“ упати прашања и до сопствениците на компаниите „Пелистер“ и „Трансмет“ Силјан Мицевски и Сеад Кочан, како ги коментираат обвинувањата на опозицијата, но до затворањето на овој број од весникот не добивме одговор.

СДСМ обвинува
ЕНЕРГЕТИКАТА Е СВЕСНО ЗАПОСТАВЕНА ОБЛАСТ ОД ВЛАСТА

Од опозицискиот СДСМ сметаат дека власта намерно ја одложува либерализацијата на пазарот со електрична енергија, бидејќи преку одржување на статус кво ситуација, ем задоволува блиски компании преку ангажирање од страна на ЕЛЕМ, ем го задоволува ЕВН со гарантирање на приходот од тарифните потрошувачи, ем остава доволно простор за трговците со струја да претендираат на квалификуваните потрошувачи.

Власта ја одложува либерализацијата, ја спроведува етапно до 2020 година со изговор дека цената на струјата за граѓаните на слободен пазар, без регулатор, би поскапела за 15-20 отсто, но тоа можеби важело пред 2 години. Денес, доколку се либерализира пазарот со електрична енергија, граѓаните и индустријата ќе плаќаат поевтина струја – децидни се социјалдемократите.

Тие сметаат дека треба да се формира Министерство за енергетика по примерот на многу држави во Европа и регионот, како и на Европската унија, во чии рамки функционира Комесар за енергетика.

Во Европа се избегнува производството на струја со јаглен, кое е нееколошко, и се користат хидропотенцијалите и други варијанти – посочуваат од опозициската партија.

Што открија „бомбите“ на Заев?
МЕСТЕЊЕ ТЕНДЕР ЗА ИСКОП НА ЈАГЛЕН ЗАРАДИ ГЛАСАЧИ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кога ја објави 14-та „бомба“, рече дека таа открива како премиерот Никола Груевски наводно мести тендер за директорот на РЕК „Битола“ Владо Чингоски за ископ на јаглен. Како се одвиваше разговорот меѓу Груевски и Чингоски:

НГ: Вчера се видов со кратовчанецот.

ВЧ: Со…?
НГ: Со кратовчанецот, од Кратово.
ВЧ: Кратовчанецот!? Ааа, да, да, да, добро, добро. Јасно ми е.
НГ: Се видел и со тебе.
ВЧ: Да, беше кај мене, разговараме, му дадов некои идеи.
НГ: Се видовте и со оној
ВЧ: Од Битола, така?
НГ: …што има кола Сеад Ибица, знаеш? Сеад, Сеад Ибица…
ВЧ: А да, добро, добро.
НГ: Се видов, и двајцата…
ВЧ: Ало…
НГ: …да им помогнеш некако…
ВЧ: Па еве, денеска…
НГ: Они ги вртат…они кажуваат дека најверојатно оној Страшо и тој битолчанецот дека ќе бидат…
ВЧ: Да, за тоа, да. Таму сигурно ќе се пријават, ама му реков јас дека може он слободно да се јави, да направи некој конзорциум и да се јави.
НГ: Најбоље е ти тоа да го организираш, да е предвидливо. Они се вака збунети…
ВЧ: Така.
НГ: Не знаат што да прават. Мислам дека треба со нив да се видиш и да ја организираш работата и да се сите задоволни.
ВЧ: Аха. А овој од Берово дојде?
НГ: Оти кратовчанецот знаеш зошто ни е многу битен?
ВЧ: Да, да, јасно ми е тоа.
НГ: И тука нема ова или она, друго.
ВЧ: Така. Мене ми јави дека овој…
НГ: Ти тоа го…иде даље, така? Ради тоа…
ВЧ: Така, така.
НГ: Со него немаме друг муабет.
ВЧ: Така, така. Страшо дошол?
НГ: Овој другиот исто имаме одлична соработка со него и не е добро да го исфрлиме сега.
ВЧ: Добро.
НГ: Овој со колата што е.
ВЧ: Така, така, да. Ммм, што сакав да Ве прашам!? Овој бил, Страшо бил кај Вас, исто ми кажаа.
НГ: Не, лаже.
ВЧ: Лаже!?
НГ: Да.
ВЧ: Еее, добро, добро. Добро, јас ќе го викнам уште еднаш Горан, ќе поразговараме малку да видиме што…
НГ: Тука кај, кај овој…КБ.
ВЧ: Добро.
НГ: Кај КБ.
ВЧ: Добро. Ало? Ало? Ало?
НГ: Дали ме слушаш?
ВЧ: Не ништо не ве слушам.
НГ: Ја те слушам добро, не знам што е работата.
ВЧ: Јас не Ве слушам последното нешто беше кај КБ нешто и повеќе не Ве чув.
НГ: Па, најверојатно кај КБ бил. Знаеш кој е КБ, така?
ВЧ: А да, добро.
НГ: Претпоставувам, чим вика дека бил…
ВЧ: Аха…
НГ: Претпоставувам дека бил кај него, а кажува дека бил кај мене.
ВЧ: А добро, зошто јас…
НГ: Ама нема везе, ние…ја немам ништо против него, нека си биде и он таму, ама…и овие нека влезат во игра, да се задоволни сите.
ВЧ: Да, ама тешко е. На тоа место таму не е ископ на јаловина, него е јаглен испорака. И таму не можат две различни да бидат, мора една да биде конзорциум некој по-здрав. Јас разговорав со Горан му објаснив сето тоа, и затоа му дадов некое решение да се вклучи со некого, да направи еден подобар така тим. И тој ми вика да ми помогнеш. Јас зборев со пријателот на тој од Берово. Он вика а бе како да го тргнам сега него, да се вклучам со овој? Му викам, ти ако сакаш да добиеш работа, ти кажувам како да добиеш, многу едноставно. Така да, ќе треба да седнам малку…

Чингоски дојде на чело на компанијата кон крајот на септември 2006 година, веднаш по изборите кога победи ВМРО-ДПМНЕ, а во 2012 година се повлече од „лични причини“.

Поврзани новости