Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Хелсинки ќе разговараат за проширувањето и за датумот за преговори со Северна Македонија и Албанија.
Пред почетокот на состанокот, унгарскиот министер за надворешни работи Питер Сијарто, ја повтори пораката на неговата влада дека проширувањето кон Западниот Балкан е од огромна важност за неговата земја, но остро го критикуваше „лицемерието“ на западните земји.
– Ние сме за брзо проширување на ЕУ, и забрзување на процедурата за пристапување и отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, но моето искуство покажува дека западните колеги само зборуваат за проширувањето, а носат одлуки против, тоа е лицемерие, рече Сијарто.
Тој додаде дека за Унгарија како соседна земја на Западниот Балкан проширувањето кон овој регион е многу важно.
– Многу жалам што многу западни партнери се лицемерни и одлагањето минатиот пат беше спротивно на интересите на Европската Унија, рече Сијарто алудирајќи на јунската одлука на Советот за општи работи на ЕУ да се одложи датумот за преговори со Северна Македонија и Албанија.
Поддршка, Северна Македонија доби и од луксембуршкиот министер за надворешни работи, Жан Аселборн.
Запрашан од новинар дали му се „при срце“ Албанија и Македонија, Аселборн порача дека ЕУ си зададе цел да донесе одлука за отворање преговори со овие земји во октомври.
– Се надевам дека ќе имаме добро решение во октомври. Македонците многу работеа на ова. Исто и Албанците. На нас е да го направиме тоа што треба. Историјата покажува дека секогаш се отвораат прозорци, но кога ќе се затворат е лошо, изјави Аселборн пред состанокот.
Министрите на ЕУ денеска ќе одржат состанок со нивните колеги од регионот, меѓу кои и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.
Северна Македонија, заедно со Албанија, очекува одлука за старт на преговори во октомври. Голема е можноста одлуката да се донесе само за Северна Македонија, а да се одложи за Албанија, кон која повеќе земји членки имаат големи резерви.