Јовески не е надлежен да ја изземе колешката Јанева од предметите на СЈО

by fokus

Републичкото јавно обвинителство, односно овбвинителот Љубомир Јовески, нема надлежност да ја изземе обвинителката Катица Јанева од предметите на СЈО. овој одговор го доби судијата Огнен Ставрев, од републичкото јавно обвинителство, откако претходно обвинетите од „ТНТ“ побараа изземање на Јанева од предметот.

На денешното рочиште за „ТНТ“ судијата Ставрев истакна дека добил писмо од обвинителката Анита Исајловска, по што ја прочита неговата содржина.

-Републичкото јавно обвинителство не е надлежно да постапува по вашето барање. Според Законот за СЈО не е дел од јавнообвинителската хиерархија и има своја автономија, а одговара пред Собранието и Советот на јавните обвинители, стои во писмото.

На претходнито рочиште за „ТНТ“, односно за рушењето на Космос, обвинетиот Тони Трајковски, поранешниот градоначалник на Гази Баба, побара изземање на обвинителката Јанева.  Трајковски појасни дека се сомневаат за поврзаност на директорот на фирмата „Дрим билдинг“, Адриан Амзоски, кој бил инвеститор во зградата „Космос“, со случајот „Рекет“, потенцирајќи дека обвинението против Амзоски за „ТНТ“ било повлечено од страна на Јанева.

Обвинителот кој го води предметот, Бурим Рустеми, пак неодамна за Фокус појасни дека обвинението за Амзоски било повлечено бидејќи тој е оштетен во случајот.

-Кривичната пријава за Амзоски, за дивоградба, била поднесена во 2011 година, а се до 2017 не била активирана. Во време кога јавно е познато дека водиме истрага за „ТНТ“, односно за незаконско рушење на објектот „Космос“, редовното обвинителство, одлучува да ја активира пријавата и да поднесе обвинение против Амзоски. Овој потег е нелогичен, со очигледна позадина, бидејќи добро знаеја дека СЈО е надлежно за овој случај. Кога го добив предметот решив дека обвинението треба да се повлече, а со мене се согласи и шефицата Катица Јанева, бидејќи не може за ист случај бизнисменот да има својство и на обвинет и на оштетен. Нашите докази покажуваа дека е оштетен, појаснува обвинителот Рустеми, кој додава дека ако опстоело обвинението против Амзоски, немало да може да се отвори случајот „ТНТ“.

СЈО надлежноста за предметот за Космос ја добива на 14 декември 2015 година, а истрагата ја отвора на 16 април 2016 година. Затоа не е јасно зошто редовното обвинителство, дури во март 2017 година го покренува обвинението за Амзоски? Обвинителниот акт за „ТНТ“ е поднесен на 29 јуни 2017 година, а во ноември станува правосилно.

Овој случај е пред самиот финиш, односно наскоро се очекува пресуда.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости