Сигурни градови, маалски полицаец, комунална полиција и Е-инспектори за ред и правда

by Fokus

Нов концепт за сигурност во сообраќајот „Сигурни градови“ (Safe City), особено во урбаните центри,  финализирање на концептот „маалски полицаец“, модернизација на граничните премини со инсталирање дигитални читачи на регистарски таблички, засилување на системот за надзор за граничната линија со зголемување на бројот на мобилни камери, рокови за наплата на казните кои нема да зависат од „човечки фактор, се дел од Програмата за работа на Владата во периодот 2020-2024, опфатени во делот „Ред и правда“.

Фокусот ќе биде ставен и на реформатирање на системот и правилата во инспецискиот надзор.

 

– Еден вицепремиер ќе ги координира сите инспекции. За една година речиси ќе преполовиме број на инспекторати, а ќе го дуплираме бројот на инспектори за животна средина и пазарна инспекција, стои во владината програма.

Владата, како што е најавено, ќе воведе комунална полиција под ингеренции на локалната власт.

Новиот концепт „Сигурни градови“ подразбира јасна и ригорозна регулација на брзини во населени места, поставување систем од камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, целосна автоматизација на процесот на казни и врзување на казните на регистрацијата на автомобилот.

„Safe City“ ќе започне од главните крстосници и булевари и фазно ќе се шири во сите урбани центри. На патиштата, се подвлекува во програмата, ќе бидат поставени мобилни радари и камери бидејќи големиот број на жртви од сообраќајни несреќи е многу често резултат на неприлагодена брзина и непочитување на ограничувањата.

Во владината програма се најавува и финализирање на концептот „Маалски полицаец“ со пополнување на сите места за униформирани полицајци, користејќи го искуството од пилот проектите во неколку општини.

– Поголемото присуство на униформирани полицајци низ нашите маала ќе ги обесхрабри криминалците, а успокои граѓаните. Воедно, ќе создава поблиска соработка помеѓу граѓаните и полицијата, стои во Програмата.

Со инсталирање на дигитални читачи на регистарски таблички на граничните премини и со зголемување на бројот на мобилни камери, се појаснува во владината програма, ќе се рационализираат човечките ресурси и ќе се постигне поголема ефикасност и контрола над границите.

– Владата ќе предложи закони во ќе предвидиме рокови за наплата на казните кои нема да зависат од „човечки фактор“. Сите податоци, снимки, фотографии ќе бидат заштитени, но ќе можат да се искористат и за определување на евентуална одговорност на оние кои го штитат таквото однесување. Казните во сообраќајот ќе бидат скалести и врзани за примањата и имотот на починителот.

Редот во државата, се подвлекува во делот насловер „Ред и правда“, не зависи само од полицијата и судството.

– Тој се огледа и во почитување на правилата на секој чекор: во дуќан и аптека, во комуналните работи и во бизнисот, во бучавата и чистотата… Клучни институции во тој домен се инспекциите. Се уште е голема недовербата кај граѓаните и бизнисот во ефикасноста и непристрасноста на државните и локалните инспекции. Затоа ќе го реформатираме системот и правилата во инспецискиот надзор. Еден вицепремиер ќе ги координира сите инспекции. За една година речиси ќе преполовиме број на инспекторати, а ќе го дуплираме бројот на инспектори за животна средина и пазарна инспекција, се вели во програмата.

Се потенцира дека правилата мора да важат за сите, особено за оние кои се платени да ги спроведуваат и контролираат и затоа сите инспектори кои скриле или непостапувале по одреден предмет ќе носат одговорност. Владата ќе ја воведе платформата „е-инспектор“ ќе се спроведе во сите инспекциски служби, со цел да се елиминира дискрецијата и субјективноста во вршењето на инспекцискиот надзор. Воедно, ќе ги задолжи сите инспекторати да ги објавуваат месечните извештаи со точни податоци кога, каде и со каков резултат се спроведени инспекциите. Еднаш месечно ќе имаат средба со ЗЕЛС и заинтересирани НВО за резултатите и проблемите со кои се соочуваат.

Владата ќе воведе комунална полиција под ингеренции на локалната власт која ќе има законски овластувања да обезбеди ред во нашите општини и градот Скопје.

Комуналната полиција, појаснуваат, ќе биде поедноставен и поевтин метод за обезбедување ред надвор од домовите и ќе ја ослободи полицијата да се занимава со покомплексните прашања на безбедност и криминал.

– Во комуналната полиција ќе можат да се ангажираат и пензионери (особено од полиција и армија), кои ќе продолжат да ја примаат пензијата, а ќе примаат и надоместок за ангажман (во кој ќе се пресметува и плаќаат и соодветните придонеси), се наведува во Програмата.

Ред во државата не се воспоставува само со менување закони, се подвлекува, но многу често „сивите зони“ кај нив и особено нивната меѓусебна неусогласеност остава простот за различни толкувања и различни аршини.

– Тоа пак ја храни корупцијата и недовербата во системот. Затоа, еден посебен Delivery unit (тим за испорака на конкретни резултати) ќе започне да функционира директно под капата на премиерот со цел да се прегледа легислативата и да се обезбедат јасни и недвосмислени законски решенија. Тимот ќе содржи експерти од науката и праксата, а ќе ги повикаме невладините организации, здруженијата, коморите и синдикатите да даваат континуирано предлози за прашања кои треба да се дефинираат подобро, стои во владината програма во делот на „Ред и правда“.

Поврзани новости