Гренел го демантира Вучиќ: Србија и Косово не потпишаа договор со САД

by Fokus

Специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, изјави дека САД не се дел од договорот меѓу Србија и Косово за нормализирање на економските односи.

Со тоа Гренел ја демантираше вечерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија и Косово потпишаа билатерални договори со САД за нормализирање на економските односи меѓу Белград и Приштина.

– Тие потпишаа договор да работат заедно, тие не потпишаа со САД. Ние не сме потписници, изјави Гренел на прес-конференција во Вашингтон.

Тој додаде дека „нема ни да се обиде да разјасни што мислел претседателот Вучиќ кога им се обратил на српските медиуми“.

– Она што Вучиќ го рече во салата за состаноци е дека ова е историски договор што ќе придонесе за нормализирање на регионот. Тој зборуваше за мини-Шенген зоната, изјави Гренел.

На прашањето дали Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти потпишале меѓисебен договор, Гренел рече дека „потпишале договор дека ќе работат заедно за нормализирање на економските и трговските односи“.

Поврзани новости