Си-Ен-Ен го отпушти водителот Крис Куомо поради поддршката за неговиот брат, поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, во борбата против обвинувањата за сексуално вознемирување на жени кои биле вработени кај него.
Одлуката е донесена откако Си-Ен-Ен соопшти дека се појавиле дополнителни информации за степенот на вмешаност на Крис Куомо во одбраната на неговиот постар брат. Ендрју Куомо поднесе оставка во август, откако обвинителството соопшти дека го малтретира персоналот, објавија американските медиуми.
Крис Куомо рече дека е разочаран и оти тоа не е „начинот на кој тој би сакал да заврши неговото време на Си-Ен-Ен.
МИА во средата пренесе дека Си-Ен-Ен го суспендираше својот водител Крис Куомо на неодредено време, откако се појавија детали за тоа како тој му помогнал на својот брат, поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, да се соочи со обвинувањата за сексуално вознемирување, откриени претходно оваа година.
Телевизиската мрежа објави дека документите објавени од њујоршкиот државен обвинител во понеделникот укажуваат на тоа дека Крис Куомо бил повеќе вклучен во одбраната на својот брат отколку што знаеле раководителите на Си-Ен-Ен.
„Како резултат на сето ова, го суспендиравме Крис на неодредено време и чекаме дополнителни проценки“, соопштија во средата од Си-Ен-Ен.
Водителот извршил притисок врз изворите поврзани со жртвите на неговиот брат и ги информирал соработниците на гувернерот за своите сознанија, активно помагајќи да се развие одбранбен план и одговор на обвинувањата.
Канцеларијата на државниот обвинител Летиша Џејмс откри дека Ендрју Куомо сексуално вознемирувал најмалку 11 жени.