Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски за „Дојче Веле„ ги потрвдува телефонските разговори коишто вчера ги презентираше опозицијата, а во кои тој и министерката за внатрешни работи заговараат синот на претседателката на Апелацискиот суд да стане обвинител. Но, за Шврговски сето ова било легитимно, оти обвинителството според закон не било независно.
„Во јавноста постои непознавање на уставната позиција на Обвинителството. Јавното обвинителство е самостоен и единствен орган, но не е независен. Владата го дава предлогот за избор на државен јавен обвинител, а го именува и го разрешува Собранието. Ние сме истурен дел на извршната власт. Од тој аспект, соработката на обвинителството со извршната власт е легитимна. Уставната позиција ни го дава тој, условно речено, ‘ексклузивитет’. Во судството, пак, тоа е невозможно, бидејќи судството е независна, трета власт. Обвинителството не е. Во тоа е разликата“, вели Шврговски.