Швеѓаните кои загинаа во терористичкиот напад во Брисел биле на 70, односно 60-годишна возраст

by Fokus

Жртви на терористичкиот напад синоќа во Брисел се двајца мажи на возраст од 70, односно 60 години, а третото лице, кое е тешко рането и се наоѓа во болница, исто така има 70 години, јавуваат белгиските медиуми.

Белгиските медиуми го пренесуваат соопштение од шведското Министерство за надворешни работи во кое се вели дека 70-годишниот маж живеел во областа Стокхолм, а 60-годишниот живеел во странство. Кај него е пронајден швајцарски пасош, па можно е да имал двојно државјанство на Шведска и на Швајцарија.

Тие беа убиени синоќа околу 19:15 часот во близина на плоштадот „Саинктелете“ во Брисел. Беа облечени во дресовите на шведската фудбалска репрезентација која синоќа играше против Белгија. Местото на нападот е на околу шест километри од стадионот на кој се играше натпреварот и кој беше прекинат по првото полувреме.

Во нив пукал тунискиот државјанин Абдесалем Л., кој и покрај одлуката да го протераат од Белгија пред две години, илегално престојувал во земјата.

Тој ги следел жртвите кои излегле од таксито и потоа отворил оган од автоматско оружје. Третото лице тешко рането било таксист, по што напаѓачот побегнал.

Следеше потрага по него и безбедносната закана во Брисел беше подигната на највисоко ниво.

Во вторникот наутро, по дојава од сведок, полицијата го лоцирала во близина на кафуле во бриселската општина Шарбец. Полицијата интервенирала околу 7 часот и 30 минути и пукала и го ранила осомничениот, кој починал малку подоцна во болница.

Поврзани новости