По повод Денот на планетата Земја вчера волонтери организирани преку акцијата на Министерството за животна средина и просторно планирање собираа отпад на планината Козјак. Швајцарската амбасада, пак, ја искористи оваа прилика да ни покаже во каква состојба ја оставаме животната средина.
На својот фејсбук профил Швајцарската амбасада објави повеќе фотографии од дивите депонии низ Македонија.
„Денеска го одбележуваме Денот на Планетата Земја. Македонија е убава земја со пејсажи од светска класа. Но, има и помалку убава страна. Објавуваме фотографии што сме ги снимиле патувајќи низ земјата. Овие слики ги кршат нашите срца и сакаме да работиме заедно за да направиме овие диви депонии да станат минато. Еден од нашите последни проекти е токму поддршка на Полошкиот регион да подготви план за регионално управување со отпадот. Кои се вашите идеи за зачувување на природните убавини на Македонија? Сите ние можеме да направиме нешто”, стои на статусот.