Швајцарија би можела да се откаже од нарачанитe вакцини на Астразенека, но раскинувањето на договорот со таа британско-шведска компанија во моментов не е опција, иако може и тоа да се разгледа, пишува денес весникот НЗЗ ам Сонтаг.
Швајцарија на почетокот на овој месец побара повеќе податоци за ефикасноста и квалитетот пред да ја одобри вакцината на која ЕУ ѝ даде зелено светло.
Повикувајќи се на Федералната канцеларија за јавно здравје (БАГ), весникот пишува дека локалните власти шпекулираат дека владата сака да ја откаже својата нарачка, што може да се случи ако анализата покаже дека вакцината не е доволно ефикасна.
-Сè уште не е познато што ќе се случи со Астра зенека, но раскинувањето на договорот во моментов не е опција, иако и тоа може да се преиспита доколку се покаже потребно, рече Бора Крониг, заменик директорка на БАГ.
Швајцарија, која нарача 5,3 милиони дози вакцина на Астра зенека, ги чека резултатите од испитувањата во Северна и Јужна Америка. Франција, Белгија и Германија ја препорачуваат оваа вакцина на луѓе под 65 години.
Астра зенека тврди дека постарите учесници во клиничките испитувања покажале силен имунолошки одговор на нивната вакцина. Компанијата е критикувана бидејќи во клиничките испитувања вклучила премал број стари лица.