Ректорската управа неосновано злоупотребува и користи средства на универзитетот, кои се од буџетот на Македонија, вака денеска реагираа тројцата професори од Штипскиот универзитет што штрајкуваат со глад на огласите кои оваа образовна институција ги објавила во печатените медиуми.
„Ја информираме јавноста и универзитетската управа дека документацијата која се бара да биде ставена на увид на јавноста преку прес конференција, ја поседува нашиот работодавач Универзитетот „Гоце Делчев“. Документацијата ја имаме доставено согласно распишаните Конкурси на 02 февруари 2014 година. Доставената документација е согласно критериумите кои ги има објавено универзитетот во Конкурсите, а кои се содржани во Законот за високото образование, со цел оценка на исполнетоста на условите за избор во повисоко звање – вонреден професор. Универзитетот „Гоце Делчев“ ја достави Документацијата до Рецензентските комисии формирани од Наставно – научниот совет на Економски факултет – Штип.
Рецензентските комисии имаат изготвено реферати – извештаи и табели (чек листи) за исполнетост на критериуми кои се едногласно потпишани од сите членови на Рецензентските комисии. Овие реферати и табели се контролирани од универзитетско тело, формирано од ректорот. Ова универзитетско тело има дадено позитивно мислење и врз таа основа рефератите беа објавени во Универзитетски Билтен бр. 124 од 15 мај 2014 година (Линкови до рефератите на Александар Костадиновски, Маргарита Матлиевска и на Крсте Шајноски).
Ја прашуваме Универзитетската управа: Зошто во Универзитетскиот билтен бр.124 не ги објави табелите (чек листи) за исполнетост на критериумите, кои во јавниот повик се посочуваат од ректорот?Универзитетскиот билтен, беше јавно достапен, и сѐ уште е, на веб страницата на Универзитетот. Во однос на Рефератите, кои се изработени врз основа на доставената документација, јавноста имаше право на увид и приговори 14 дена по објавувањето на Универзитетскиот билтен бр. 124. Укинувањето на Рефератите и нивното реобјавување од страна на ректорот, не е во согласност со укажувањето на Државниот просветен инспекторат со донесеното еешение.
Во Универзитетски билтен бр.128 од 22.07.2014 година се објавени истите Реферати, кои не се изменети во ниту еден дел. Така, неоснован е предлогот за повторен увид и приговори од нови, други 14 дена врз документацијата и Рефератите, кои ги поседува Универзитетот Гоце Делчев“, стои во соопштението од професорите.