Државниот испитен центар го стави во мирување штрајкот. Се наведува сомнеж дека ако присилно се спроведе матурата, може да се доведе во прашање валидноста на тестовите.
Оваа одлука на ДИЦ е соопштена по изјавата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека матура на 27 мај мора да има.
Оттаму преку соопштение испратија порака до матурантите:
„Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура – процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина“ се вели во нивното соопштение.
Наведено е и дека министерот со одлуката да спроведе матура без вработените од ДИЦ може да им наштети на матурантите.
Од Синдикатот на ДИЦ, кои штрајкуваа три недели барајќи повисоки плати вчера изјавија дека поради тајноста на материјалите влезот во ДИЦ е забранет за надворешни лица, а во некои простории во Центарот не смеат да влегуваат ниту сите вработени во институцијата.
Од штрајкот беа засегнати 15.620 матуранти.